ВИДЕО | Проф. д-р Нановиќ по повод Светскиот ден за борба против туберкулозата: Можеме да ја победиме оваа болест

Зорица Нановиќ/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Светскиот ден за борба против туберкулозата и оваа година се одбележува на 24-ти март со цел подигнување на јавната свест за застрашувачките здравствени, социјални и економски последици од оваа болест. Во студиото на „Слободен печат“ гостинка е професор доктор Зорица Нановиќ, претседателка на Здружението за пневмофтизиолози, која 25 години работи на полето на туберкулозата во земјава и докторирала на таа тема. Доктор Нановиќ е исто така контакт лице за СЗО од Македонија за туберкулоза.

-Светскиот ден за борба против туберкулозата, 24 март, се поклопува со датумот на кој во 1882 година доктор Роберт Кох го објавил своето откритие за предизвикувачот на туберкулозата односно микробактериум туберкулозис и со тоа ги отворил хоризонтите на дијагностиката и лекувањето на болеста. Денот го одбележуваме за да ја подигнеме јавната свест во целиот свет, дека се работи за болест која има епидемиски размери а истовремено е болест која може да се спречи и излекува. Има катастрофални последици за економијата, социјалата. Годинава Македонија се придружува на одбележувањето на овој ден под мотото на СЗО „Можеме да ја победиме туберкулозата“. Здружението на пневмофтизиолози се придружува кон одбележувањето со тоа што ќе промовираме кампања во средните училишта, за учениците во четврта година за да ги информираме за основните работи што треба да ги знаат за туберкулозата. Кампањата ќе тече една година, рече професор доктор Нановиќ.

Проф. д-р Зорица Нановиќ/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Таа додава дека Македонија не заостанува во поглед на дијагностиката на туберкулозата споредено со другите земји во светот. Во склоп на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, функционира национална референтна лабораторија за туберкулоза која пружа услуги за дијагностика за целата територија на државата.

-Во однос на епидемиолошката состојба во Македонија, морам да нагласам дека од 1991 година наваму сме земја која бележи континуирано опаѓање и на инциденцата и на преваленцата на туберкулоза. Од 2019 година сме земја со ниска инциденца на туберкулоза, што значи помалку од 10 случаи на 100 илјади население за една година. Тој тренд го одржавме и за време на ковид пандемијата. Во однос на вкупниот број регистрирани случаи, во последните 5-6 години тој изнесува некаде околу 200 случаи годишно. Ако се спореди со вредностите што ги добивме во ковид годините, а тоа се 148 случаи, до 160 случаи, можам да кажам дека нашиот тренд не отстапува од глобалниот. Намалувањето на дијагностиката поради прекини и нарушувања на здравствениот систем посветен на ковид се бележи секаде во светот. Ние сме на исто рамниште како и глобалните проценки на СЗО, истакна доктор Нановиќ.

Проф. д-р Зорица Нановиќ/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Податоците на СЗО покажале дека ковид пандемијата, прекините во здравствениот систем, придонеле туберкулозата да се открива за 18 проценти помалку отколку пред пандемијата, што е сериозен процент.

-Во 2022 година се откриени 7.5 милиони случаи на туберкулоза на глобално ниво. Ова е најголемата бројка на регистрирани случаи со туберкулоза во светот од 1995 година кога СЗО почнала со организирано прибирање на податоците. СЗО многу внимателно го следи ова и презема проактивни мерки, рече Нановиќ.

Целото интервју проследете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот