Продолжи судењето на Жан Митрев, сведочеа сопруги на пациенти починати од ковид

Жан Митрев пред Кривичниот суд во мај / Фото: МИА

Со сведочење на оштетени сведоци во однос на лекувањето на нивни блиски луѓе, во Основниот кривичен суд – Скопје, продолжи судењето за случајот „Жан Митрев“.

За време на денешното рочиште, две сопруги на починати пациенти одговараа на прашања од обвинителството и одбраната на Митрев околу процедурите и начинот како дошле до лекување во клиниката на Жан Митрев.

При директното и вкрстеното испрашување, посебен акцент се стави на лекувањето на коронавирусот со методот хемофилтрација.

Оштетената Александра Нешевска Димовска рече дека не ѝ било кажано дека за лекувањето на нејзиниот сопруг ќе се користи хемофилтрација.

„Тој беше спортски тип, непушач, не излегуваше од теретана и водеше здрав живот. Никој од болницата не ме прашал за хемофилтрација и не ми кажаа дека ќе има такво нешто. Сопругот го изгубив за краток период, ќерката сѐ уште ја носам по психолози“, рече таа.

Второиспрашувана беше и Мелита Брезева, чиј сопруг Никола починал во клиниката. Таа по завршувањето на рочиштето рече дека очекува целиот процес да заврши со позитивен исход.

„Немам коментар, што да ви кажам, мачно. Ќе се докажуваме. Очекувам позитивен исход, ако не очекував немаше да го направиме сето ова“, рече таа.

Одбраната на Митрев не сакаше да коментира по рочиштето.

Следното рочиште со испитување на сведоци ќе се одржи на 4 септември. Инаку, предметот е оформен по допрен глас, откако минатата година Истражувачката репортерска лабораторија го објави документарниот филм „Нечиста крв“ околу лекувањето од Ковид со хемофилтрација во приватната болница. Жан Митрев е обвинет дека довел во заблуда 282 пациенти со КОВИД 19 дека хемофилтрацијата го лекува вирусот, а целта била да заработи пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот