Приватното здравство го ќари докторот што ја фотографираше погрешната табла за дерматовенерологија

Табла „дерматовенерологија“ / Фото: Фејсбук

Доктор Мирослав Гроздановски, кој доби отказ на три години до пензија откако ја фотографираше погрешно напишаната табла за дерматовенерологија во поликлиниката Букурешт, заминува во приватното здравство.

Во меѓувреме министерот за здравство Венко Филипче, во вторник ќе ја добие петицијата во која над 3.600 граѓани побараа доктор Гроздановски да биде вратен на работа.

Официјалната причина за отказот не е тоа што докторот ја фотографирал таблата каде името на одделот дерматовенерологија беше погрешно испишано, туку тоа што одбил да биде прераспределен во друга поликлиника, онаа на Бит Пазар.

Меѓутоа, доктор Гроздановски за „Слободен печат“ вели дека е уверен дека причината за таа прераспределба е самиот факт што ја фотографирал таблата, како еден вид на одмазда.

-Имам неколку понуди во приватното здравство и од септември ќе прифатам една од нив. Морам да ја сервисирам мојата егзистенција. Чекав, културно напоменав дека решението за моја прераспределба дојде еден ден откако ја фотографирав таблата погрешно испишана, но нема одговор од надлежните. Искрено ми е жал што повеќе нема да им бидам на услуга на пациентите во системот Мој Термин, за терапија, помагала, мислење за туѓа нега, боледувања, зашто тоа можев да го правам само во државното здравство а не во приватното. Меѓутоа, морам да се грижам за мојата егзистенција. Општествениот фактор е глув, учтиво чекав и цивилизирано, барем да се извинеа, но ништо, изјави доктор Гроздановски за „Слободен печат“.

Доктор Ненад Лазаров ја почна петицијата за враќање на Гроздановски на работа и во вторник ќе биде доставена до Министерството за здравство.

-Собравме повеќе од 3600 потписи за поддршка на почитуваниот колега а против неправдата која му е нанесена. Петицијата е отворена до понеделник а во вторник ќе биде доставена до ресорното министерство. Тешко се менуваат овде работите, но навистина е важно вакви работи да не се премолчуваат, ни рече Лазаров.

Менаџментот на Здравствен дом Скопје, негира дека отказот бил поради фотографијата, туку зашто доктор Гроздановски одбил прераспределба во поликлиниката Бит Пазар и три дена не се појавил на работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот