Принцезата Алис од Батенберг: Изгубените години со синот, мајката на принцот Филип ги надокнади дури при крај на животот

Фото: Профимедиа

Во сенката на тивкото заминување на принцот Филип, јавноста се присетува на неговата мајка, чии дијагнози и здравствени проблеми го одбележаа нејзиниот живот. Таа била глува, се лекувала од шизофренија и утеха нашла во верата.

Приказната за семејството на покојниот војвода од Единбург, истовремено е фасцинантна и трагична. Роден како принц на Грција и Данска, тој бил петтото дете, воедно единствен син на принцот Ендрју од Данска и Грција и неговата сопруга принцезата Алис од Батенберг. Својот единствен син го родила на трпезариската маса во нивната вила на грчкиот остров Крф. Набрзо по неговото раѓање семејството било прогонето од Грција, a 18-месечниот Филип, завиткан во кошница со која се пренесувале портокали бил сместен на британски воен брод. Како единствен машки наследник, Филип израснал одвоен од сестрите. Дури три од нив, Маргарита, Сесилија и Софи, биле омажени за германски аристократи, кои станале членови на нацистичка партија.

Profimedia

Врска со нацистите

Неговата најмлада сестра Софи и нејзиниот сопруг, принцот Кристоф од Хесе, биле многу посветени на нацизмот. Тие биле многу блиски со Хитлер со кого оделе на приватни ручеци, а својот син го крстиле во негова чест.

За поврзаноста на своето биолошко семејство со нацистите, Филип прозборел дури 60 години подоцна, кога кажал дека на нив, баш како на многу Германци, првите обиди на Хитлер да ја направи Германија моќна држава им изгледале привлечно. Тој самиот јасно ставил до знаење на чија страна е, кога во тек на Втората светска војна храбро се борел за Британија, учестувајќи во битката на Крет, битката кај ‘ртот Матапан во Грција, како и сојузничката инвазија на Сицилија.

Profimedia
Profimedia

Но, поврзаноста на неговите сестри со Германците била очигледна, затоа никој не се зачудил кога тие не биле повикани на неговата венчавка со кралицата во 1947 година.

Инаку семејството по мајчина страна Филип не го познавал многу, бидејќи не било дел од неговото растење, особено откако мајка му, преживувајќи ја револуцијата и прогонот, доживеала прво нервен слом, а потоа се посветила на верата. Пред конечно да му сврти грб на кралскиот живот, Алис станала калуѓерка.

Која била принцезата Алис?

Мајката на војводата од Единбург, родена е како принцеза Алис од Батенберг во 1885 година во дворецот Виндзор, како правнука на кралицата Викторија. Таа била четврто дете на Германците – принцезата Викторија од Хесен и Рајна и принцот Луис од Батенберг. Сестра ѝ Луиза станала кралица на Шведска, а брат ѝ бил Луис Дики Маунтбатен, познат како лорд Маунтбатен, омилениот вујко на Филип. Иако е родена глува, Алис научила да зборува јасно и гласно, а фотографиите откриваат каква убавица била.

Profimedia
Profimedia

Во 1902 година на крунисувањето на кралот Едвард седми се вљубила во принцот Ендру, младиот син на грчкиот крал. Поради балканските војни тој се вратил во војска додека Алис помагала во разни операции на фронтот, како поставување болници. За нејзиниот придонес наградена е од кралот Џорџ петти со Кралски црвен крст 1913 година.

До 1914 година родила четири ќерки, а во 1921 година го родила единствениот син Филип. Тогаш се влошила ситуацијата во Грција и тие биле протерани, па живееле во Париз кај роднини. Сето тоа влијаело на Алис, која почнувала сè повеќе да ѝ се посветува на религијата.

Лекување по методи на Фројд

До 1930 година често слушала гласови во главата и била убедена дека има физичка врска со Исус и други верски фигури, за што ѝ била поставена дијагноза шизофренија. Се лекувала во берлинска клиника по совети на Сигмунд Фројд, со ужасни третмани кои не дале резултат, па била префрлена во швајцарски санаториум каде поминала две години. Иако официјално никогаш не се развела од сопругот, принцот Ендру својот живот го продолжил во Франција со љубовницата и починал 1994 година во Монако.

Во тој период Филип практично бил „бездомник“ кој ги минувал школските празници со роднините, а најомилени му биле оние поминати со вујкото. Кога во 1932 година Алис е пуштена од санаториум, останала сама и престојувала во евтини хостели во Германија. Мајката и синот се сретнале пет години подоцна, поради еден трагичен случај, а тоа бил погребот на Сесилија, сестрата на Филип која загинала во авионска несреќа.

Profimedia
Profimedia

Иако сакала 16-годишниот Филип да се пресели со неа во Атина, тој решил да остане во Британија, а во текот на војната Алис останала во Грција и преживувала благодарение на пакетите храна кои ѝ ги праќал братот. Тогаш таа сокрила едно еврејско семејство на таванот од домот само на неколку метри од главното седиште на Гестапо. Кога сакале да ја испитуваат го искористила фактот дека е глува и не може да одговара на прашањата. По војната Филип ги добил дијамантите од круната на мајка му, кои ги ставил во вереничкиот прстен за Елизабета, а остатокот од накитот Алис го продала за да го основа својот ред Христијанско сестринство на Марта и Марија, а во сиромашен дел од Атина изградила женски манастир и сиропиталиште.

Во 1967 година по војниот пуч во Грција, Филип ја убедил да дојде во Британија, каде живеела до нејзината смрт во 1969 година, на 84 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот