При големо загадување на воздухот се урива стар објект во Капиштец, жителите велат од прашина не се дише

Скопје речиси цел месец се гуши од загаден воздух, но за целиот тој период не запреа градежните активности на објектите. Кај оние кои се во градба, не се почитуваат никакви правила за заштита на околината, па така камионите и понатаму излегуваат од градилиштата со калливи тркала и нечистотијата ја разнесуваат по улиците.

Непосредно пред празниците кога загадувањето го надмина прагот на алармирање и во Скопје на сила стапија мерките и препораките за заштита од загадување, кои траеја ден и пол, Општина Центар ги прати на терен инспекторите во контрола, пред сѐ, на градилиштата. Како што соопштија тогаш, извршени биле инспекциски надзори на 12 градилишта, две напуштени локации со отпад, кафе барови и останати фирми. Притоа, изречена била само една глоба за сообраќај со возила со валкани тркала. Дали во меѓувреме се направени и други контроли и дали за истиот прекршок имало и други казни нема информација.

Денеска, жителите од Капиштец, особено оние што живеат во близина на ТЦ „Зебра“ освен од веќе вообичаено загадениот воздух, се гушат и од прашина предизвикана од уривање на стар објект.
Граѓаните кои ни испратија и фотографии за да го прикажат она со кое денеска се соочуваат на улицата Васил Ѓорѓов, велат дека во изминатиот период тука веќе била урната една барака, а сега се доурива објектот до неа.

 Дел од просторот веќе е ограден со лимени тараби, што значи дека се подготвува за градење, па сега може да очекуваме дека на местото на бараката ќе никне нова зграда, колкава – ќе видиме. Но, она што навистина нѐ загрижува е што објектот се руши кога е најголемо загадувањето, за целосно да се „испотруеме“. Настрана, се работи за стар објект, можеби и азбест има во него, а прашината се крева на сите страни. Не разбирам како не се запреа барем ваквите работи привремено додека трае загадувањето. Не може секој инвеститор и изведувач да си прави што ќе му текне, срамно е ова – објаснува еден од граѓаните.

И навистина, останува нејасно зошто никој не се сети да ги запре градежните работи додека не се намали загадувањето на воздухот. Тоа се случи на пример во јануари 2019 година, кога Град Скопје ги прекина сите градежни активности на градилиштата и ги повика и општините тоа да го сторат.

Сега, никој не реагира, ни Градот ни општините, освен скопјани кои и понатаму се надеваат дека институциите некогаш сериозно ќе се зафатат со изнаоѓање долгорочни мерки за справување со загадувањето во Скопје, кое остава сериозни последици врз здравјето на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот