Преживеаните од Аушвиц ги раскажаа горчливите искуства

Фото: Твитер

Жртвите, повеќето од нив Евреи, достигнаа над милион, но со децении по завршувањето на војната, откривањето на имињата на мртвите се покажа како многу проблематично.

Поминаа 75 години откако советските трупи пристигнаа во логорот на смртта во Аушвиц-Биркенау каде што најдоа хорор приказна. Жртвите, повеќето од нив Евреи, достигнаа над милион, но со децении по завршувањето на војната, откривањето на имињата на мртвите се покажа како многу проблематично.

Во присуство на преживеаните од нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау и стотици официјални лица од многу држави во Европа и светот, денес на местото на поранешниот логор во Република Полска, беше одбележан Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот, кој со одлука на Генералното собрание на ООН е утврден да се одбележува на 27 јануари.

Евреи, воени затвореници, Полјаци, Роми и припадниците на другите малцинства умираа во гасни комори од глад, болести и присилна работа.

Околу 900.000 Евреи беа убиени во гасни комори веднаш штом пристигнуваа во логорот, а нивните тела запалени во крематориумот.

Другите умираа во нехумани услови, изолирани од надворешниот свет со бодликава жица.

Тие биле принудувани на работа и медицински експерименти.

-Холокаустот однесе илјадници животи на припадници на различни заедници. За антисемитизмот, антициганизмот, расизмот и дискриминацијата нема место во демократско општество, какво што треба да градиме збогатени со нашите различности- напиша на Твитер претседателот на нашата држава Стево Пендаровски.

-Оваа огромна човечка трагедија е врежана во нашата колективна меморија, не потсетува дека не смееме да дозволиме никогаш повеќе да се повтори. Токму затоа Владата на Република Северна Македонија посветено работи и има цврста определба на сочувувањето на сеќавањата и вистината за Холокаустот, истакна Царовска по комеморацијата за изгубените човечки животи во концентрациониот логор.

Царовска исто така на Твитер порача никогаш да не се заборави ова злосторство сторено од предрасудите и омразата.

Фото: Твитер

На комеморацијата се обрати претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, но главни беа обраќањата на преживеаните од Аушвиц, кои ги раскажаа горчливите искуства и повикаа на разум – вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат.

Во македонската официјална делегација имаше и претставник на Еврејската заедница од нашата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот