Гордана Сиљановска Давкова / Фото: „360 степени“

Претседателката објаснува како да се спречи корумпирањето на апсолутната власт на ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ забележа целосен триумф на локалните избори, зголемувајќи го бројот на општини со кои ќе раководат нејзини кадри. Во контекст на еден од омилените цитати на претседателката Гордана Сиљановска Давкова од лордот Ектон, кој вели: „Власта има тенденција да корумпира, апсолутната – апсолутно“, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, таа беше прашана како да се спречи корумпирање на оваа апсолутна власт во услови на слаби институции.

„Значи, тоа е една утврдена тенденција, не само во политичката наука, туку и во политичката пракса, дека власт може да ограничи власт, а вие рековте слаби институции, дека системот на ’спреги и кочници’ може да доведе до ограничена власт, дека силното јавно мислење може да ограничи власт, силна опозиција, а во моментов не можеме да речеме дека има. Меѓутоа, никогаш во политиката нема празен простор, падот на некоја опозициска партија или на некоја партија во влијанието ќе биде заменет или ќе има тенденција да биде заменет од друг. Силно граѓанско општество или невладини организации, политика на владеење на правото, независна судска власт. Кај сите имаме проблем. Затоа, одговорноста е далеку поголема“, вели Сиљановска-Давкова.

Претседателката се повика и на историјата на ситуации и научени лекции.

„Ако се опкружени нашите политичари со критичари, тогаш ќе внимаваат и ќе преземаат чекори. Ја споменавте претходната власт. Сетете се до какви промени доаѓаше во министерствата. Па, вие да сте волшебник, не можете да го реформирате Министерството за здравство за неколку месеци. Јас не знам колку министри се сменија. Резултатот го видовме. И со одговорноста, еднаш треба да се соочиме – дека кога нема да постигнете нешто, ќе си заминете. Добра лекција е, иако Словенија е многу понапред и различна. И министерот за правда и министерот за внатрешни работи заминаа. Значи, не говориме ние секогаш за кривична ни за граѓанска одговорност. Говориме за етика. Говориме за политичка одговорност“, рече претседателката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот