ПРЕСВРТ | Дали Македонија го изгуби чекорот кон Европа?
Во првото издание од новата сезона на „Пресврт“ наш гостин е поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Со него разговараме за последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, за тоа дали постои реален консензус во земјата околу уставните измени, како и каков е патот на Македонија кон Европската Унија во време на раст на десницата во Европа и војна во Украина, заедно со продлабочените поделби внатре во самата Унија.
Препорачано
„Пакетот од јули 2022 година, во голем дел, излегува надвор од рамките на Договорот за пријателство со Бугарија“, изјави поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, предупредувајќи дека без темелна анализа и нов пристап, земјата ризикува повторно да се заглави во дипломатски ќор-сокак.

Тој додаде дека Македонија мора да најде начин да избегне сценарио во кое повторно ќе вложи политички капитал преку уставните измени, а тоа да не резултира со реален напредок кон членство во Европската Унија.
„Сите овие прашања бараат време и трпение и кај нашите граѓани, но и кај странските партнери кои доаѓаат во посета. Често кај нив постои перцепција дека таму каде што застанавме, таму треба и да продолжиме, а тоа се уставните измени. Но тоа не е доволно. За вистинско решение на оваа сложена ситуација потребна е целосна слика и искрено преиспитување на процесот од целото општество“, нагласи Димитров.

Димитров смета дека државата и општеството мора да ја преземат обврската за оформување национален консензус околу европското прашање.
„Ако сакаме да излеземе од паркингот и конечно да ја запалиме европската машина на Македонија, мора да најдеме начин како да спречиме повторно да се вложуваме без резултат. Треба да направиме вистински чекор напред, кој нема да нè врати во истата точка, туку ќе нè доведе до она што го посакуваме – отворање на патот кон членството во Европската Унија“, изјави тој.
Целиот разговор со Никола Димитров можете да го погледнете вечер од 19.00 часот на каналот и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски.


