Прекинат протестот во УЈП, вработените ќе добијат поголеми плати
Во петокот е потпишан колективен договор каде што од една страна се јавува репрезентативниот синдикат во рамките на Управата за јавни приходи – „Солидарност“, а од друга страна работодавачот – УЈП
Од денеска вработените во УЈП не протестираат од 10 до 12 часот, како што тоа го правеа повеќе од еден месец. Во петокот е потпишан колективен договор каде што од една страна се јавува репрезентативниот синдикат во рамките на Управата за јавни приходи – „Солидарност“, а од друга страна работодавачот – УЈП. Со овој договор на вработените им е обезбедено зголемување на платите од 30 проценти.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Васе Неданоски од синдикалната организација вели дека со договорот вработените ќе си го реализираат правото за кое имаат законска основа, со што веќе нема потреба од протест.
– Имавме два основа за зголемување на платите. И со досегашниот колективен договор, според тамошната методологија, ние имавме право на повремени зголемувања на платите, но тие не се случија. Според тој договор, платата требаше да ни биде поголема за 30-ина проценти. Исто е и според член 66 од Законот за буџети. Нов колективен договор на ниво на работодавач се склучи затоа што имавме промени во однос на синдикатот, и сега репрезентативен синдикат за УЈП е „Солидарност“. Преговарачот успеа да ја презентира законитоста на растот на платите пред Министерството за труд и пред Министерството за финансии и задоволни сме од исходот – изјави за „Слободен печат“ Неданоски.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска во телевизиско гостување потврди дека веќе од следната плата вработените во УЈП ќе го имаат покачувањето од 30 отсто и кажа дека овој договор е постигнат колегијално и транспарентно со мирно решавање спорови. Таа нагласи дека на процесот пристапиле внимателно, со цел да се спречи ефектите од евентуалниот штрајк што беше најавуван, а кој ќе имаше последици врз целата држава.
За првпат во преговорите е вклучен помирувач за работни спорови, кој преговараше со Министерството за труд и социјална политика.


