Локални избори 2025 / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Предвремените избори како фитил за нова криза

Дел од партиите бараат итно излегување на гласање, оценувајќи дека Владата нема капацитет и легитимитет да го истурка мандатот до крај, додека други предупредуваат дека нов изборен циклус би значел блокада на институциите без суштинско решение на проблемите. Судирот на ставови јасно покажува дека изборите сè повеќе се користат како политичко оружје, а не како одговор на реалните потреби на државата.

Темата за евентуално одржување предвремени парламентарни избори повторно е вратена во политичкиот фокус, отворајќи старо, но сè уште нерешено прашање: дали изборите се излез од кризите или нивно продлабочување.

Изјавите од клучните политички актери покажуваат јасно поделени позиции: дел бараат итен излез на гласање, други сметаат дека тоа би значело нова институционална блокада без реален ефект.

Иницијативата повторно ја отвори претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој смета дека актуелната власт нема капацитет да се справи со кризите што, според него, самата ги создала. Филипче е дециден дека оваа Влада нема да го издржи мандатот до 2028 година и дека предвремените избори се неизбежни.

– Не можам да претпоставам, но мислам дека сигурно ќе има предвремени избори според кризата што нѐ очекува, а која оваа власт практично ја генерираше. Не знае да ја управува затоа што нема ниту волја ниту капацитет. Се грижи само за сопствените интереси, затоа што мора да се испорача тоа што никогаш не го демантираа: дека ќе стигнат мигранти за пари. Поради тоа се потребни предвремени избори. Дали ќе бидат на крајот на оваа година или следната, ќе видиме, но до 2028 година нема да може да издржи вака – изјави Филипче.

Од друга страна, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, категорично ги демантира ваквите најави.

Според него, парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин, а прашањето за укинување на техничката влада, кое периодично се актуализира, останува врзано за 2028 година, по редовните избори.

Во таборот на партиите што се изјаснуваат против предвремени избори е и претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

Во изјава за „Слободен печат“ таа предупредува дека ваквата практика историски не донела ништо добро за државата, туку само дополнителна нестабилност.

– Ако сте ги следеле моите изјави од минатото, дури и во времето кога ЛДП беше дел од власта, тогаш ќе сфатите дека јас секогаш сум била против одржувањето предвремени парламентарни избори. Мислам дека таа лоша практика треба да остане во минатото. Немаме потреба од предвремени избори. Врз основа на што треба да се одржат предвремени избори и што ќе донесат тие? Предвремените избори немаат магично стапче за магично да ни ги решат проблемите. Се троши време, се трошат ресурси, се трошат пари од граѓаните, а и државата станува тотално нефункционална од моментот кога ќе бидат распишани изборите. Значи, ем ја ставаме државата во блокада, ем не добиваме ништо од секој циклус нови избори. Јас лично немам чувство дека работите одат на подобро од изборен циклус во изборен циклус – објаснува Зајкова.

Сличен став има и пратеникот од ЗНАМ, Бобан Карапејовски, кој во разговор за „Слободен печат“ истакна дека иако неговата партија е секогаш подготвена за избори, во овој момент тоа не би било во интерес на државата.

– Ние сме подготвени за предвремени парламентарни избори и не гледаме проблем тие да се одржат уште утре. Но, мислам дека добро за државата е во овој момент да нема такви сечкања на мандатите за да може целосно да се истера реформската агенда и да се истераат сите реформи кои се започнати. Така што, ние како партија сме подготвени за избори во секој момент, но не мислиме дека токму сега е вистинскиот момент за нивно одржување – изјави Карапејовски.

Спротивно на тоа, Левица отворено ја поддржува идејата за предвремени избори.

Пратеникот Амар Мециновиќ за „Слободен печат“ вели дека партијата никогаш не била поподготвена да излезе на парламентарни избори, особено по резултатите од последните локални избори.

– По резултатите од локалните избори минатата есен, Левица никогаш не била поподготвена за парламентарни избори, особено поради резултатот во главниот град каде што мобилизиравме најразлични групи граѓани, кои претходно не беа дел од интегралното гласачко тело на Левица. Затоа, како резултат на нашата парламентарна активност, ние како партија сме подготвени за одржување предвремени парламентарни избори во кој било момент. Подготвени сме да го понесеме одговорот на граѓаните против расипничката десничарска власт на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и на ЗНАМ. Левица веќе силно навлегува во фаза во која претендира да ја предводи државата како што тоа го направивме на локалните избори. Левица веќе нема да учествува на изборите како игра на случајност, туку ќе се позиционира со својата агенда и платформа како вистинска понуда и реална можност за водење на нашата држава – објасни Мециновиќ.

И ДУИ останува на ставот дека предвремени избори се неопходни. Генералниот секретар на партијата, Арбр Адеми, во емисијата „Клик плус“ изјави дека актуелната власт нема легитимитет и дека државата се соочува со сериозни политички ризици.

– Стоиме зад нашето барање за предвремени парламентарни избори. Денес се соочуваме со обиди и, како што би рекол, атентати врз Охридскиот рамковен договор, а оваа состојба е резултат на тоа што државата ја води власт без легитимитет – изјави Адеми.

Со спротивставени аргументи и јасно поделени позиции, темата за предвремените парламентарни избори повторно станува една од клучните линии на политичка конфронтација.

Додека едни во нив гледаат неопходен излез од политичката и институционалната криза, други предупредуваат дека изборите не се решение сами по себе, туку ризик од нова блокада.

Прашањето, засега, останува отворено: дали Македонија оди кон нов изборен циклус или кон обид да се истурка целиот мандат до крај?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот