ПРЕДИЗБОРНИ ВЕТУВАЊА: Старите ветувања за гасификација, за Чебрен и за инспектори во ново руво

Фото: EPA/Eustream

Проекти за подобра животна средина има, но обично е критикуван нискиот износ што се става во буџетот, како и политичка волја, особено ако се погледне градежната експанзија и уништувањето на зелените и воздушните коридори во Скопје.

Ќе се изгради хидроцентралата „Чебрен“ , гасот ќе стигне во секој дом, ќе се зголеми бројот на инспектори што ќе ја контролираат животната средина, ќе има „зелена“ енергија, ќе се активира еколошка заштита во РЕК Битола, ќе има повеќе зеленило во урбанистичките планови… Ова се најави што се повторуваат со години од разни министри, партиски гласноговорници, а сега се заеднички именител и во програмата на СДСМ и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. И двете партии тврдат дека сега ќе ги спроведат и дека ќе ги вметнат на расходната страна од буџетите за наредните години.

Екологијата во Македонија е горлив проблем. Според последниот извештај на Светска банка за менаџмент на квалитетот на воздухот, во Македонија годишно умираат по 1.600 луѓе како резултат на аерозагадувањето. Проекти за ублажување на ваквата состојба има, но обично е критикуван нискиот износ што се става во буџетот, како и политичка волја, особено ако се погледне градежната експанзија и уништувањето на зелените и воздушните коридори во Скопје.

СДСМ: Ќе има тројно повеќе инспектори

Во програмата на СДСМ „Можеме“ пишува дека ќе има 24-часовен надзор на инспекциските служби во општините, дека ќе има тројно повеќе инспектори, тројно повисоки казни за фабриките што не ги почитуваат еколошките стандарди, но и двојно повисоки казни за граѓаните. Се најавува и ригорозна контрола на центрите за технички сервис на возилата, како и дронска контрола за да се спречи создавање диви депонии и палење на стрништа.

Во однос на домаќинствата, предвидено е да се издвојат пари за 600.000 домаќинства за купување инвертери за да престанат со употреба на фосилните горива. Субвенции се најавуваат и за 100.000 домаќинства по 300 евра за соларни панели, а субвенции треба да има и за приклучување на централно греење и за набавка на филтри на оџаците на домаќинствата. СДСМ ветува и дека ќе го укине данокот за увоз на електрични и хидрогенски возила.

За компаниите, пак, партијата ветува дури 100 милиони евра во 4 години за субвенции за индустриски филтри.

ВМРО-ДПМНЕ: Еколошки такси за возила

ВМРО-ДПМНЕ ветува централно инспекциско тело поврзано со загадување на води, почви, бучава и управување со отпад.  Поддршка, според програмата „Обнова“, ќе има и за воспоставување јавен превоз на чисти горива, субвенции за такси-превоз на природен гас и со електрични возила, а државата ќе дава поддршка на локалната самоуправа за изградба на велосипедски патеки и пешачки зони.

Во однос на градежништвото, во Програмата пишува дека ќе има строг инспекциски надзор во делот на емисии во воздух, вода и во отпад. Предвидено е и засадување на 2 милиона садници од автохтони неалергени видови годишно во руралните и во планинските предели и 500.000 садници во урбаните средини. Секое семејство ќе има можност најмалку еднаш годишно да добие садница и да ја засади на локација по сопствен избор, во својот дом или на јавен простор.

Ќе има еколошка такса за возила која ќе се наплаќа според емисија на цврсти честички почнувајќи од 2022 година. Независно од високите стандарди што ги спроведуваат, индустриските капацитети кои сакаат да работат во близина на урбано место, ќе мора да плаќаат дополнителна еколошка такса.

„За големите индустриски и енергетски капацитети, кои имаат стратешко значење за Македонија, ќе се воведат мерки од програмата за поддршка на постигнување европски стандарди за емисијата, како, на пример, вградување филтри за цврсти честички од РЕК Битола“, пишува во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

За граѓаните се предвидени субвенции за енергетски фасади, замена на прозорци и врати, замена на тврди горива со инвертери или со топлински пумпи.

Еколошките стандарди во Европската Унија кон која се стремиме постојано стануваат сѐ повисоки. Последна значајна еколошка вест стигна од Германија од каде што информираа дека нивниот парламент донесе закон за напуштање на јагленот како гориво во енергетиката, според кој најдоцна до 2028 година ќе се затворат сите постројки за производство на енергија од јаглен и од други фосилни горива, а нуклеарните електрани би требало да бидат затворени до 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот