Жители на Тетовско поминуваат покрај војници на АРМ и оклопен транспортер БТР / Фото: EPA / Срѓан Шуки

ФОТО | Пред точно четврт век во Тетово избувна воениот конфликт

На денешен ден пред точно 25 години, со нападот на борци на Ослободителната народна армија (ОНА) врз полицијата од позиции на Калето и ридовите над Тетово, избувна првиот отворен судир од војната во Македонија во 2001 година – најтешката безбедносна и политичка криза во поновата историја на државата. Конфликтот траеше пет месеци и официјално заврши со склучувањето на Охридскиот рамковен договор во август 2001-ва. Кризата предизвика значајни промени во политичкиот и во уставниот поредок на Македонија.

Првите сериозни инциденти се случија на почетокот на 2001 година во Танушевци на границата со Косово, каде вооружени групи нападнаа полицајци. Набргу по ова, во јавноста се огласи организацијата позната како ОНА (Ослободителна народна армија), која презеде одговорност за нападите и побара поголеми права за Албанците во државата.

Припадници на ОНА (Ослободителна народна армија) / Фото: EPA/ANJA NIEDRINGHAUS

Конфликтот нагло ескалираше на 14 март 2001 година во Тетово. Од позициите на Калето и на околните ридови, со денови беа гаѓани полициските сили, а државата по неколку недели започна голема безбедносна операција за потиснување на силите на ОНА. Во операциите се вклучија специјалните полициски единици, како и тенкови, хеликоптери и артилерија на Армијата на Република Македонија, по што Калето беше ослободено, а бунтовниците се повлекоа во подлабоките делови на Шар Планина и кон Косово.

Полицискиот генерал Стојанче Ангелов на смотра на припадниците на специјалната единица „Тигри“ / Фото: Фејсбук

Во наредните месеци судирите се проширија и во други региони во северниот и северозападниот дел на државата, особено во Кумановско, Липковско, Арачиново и во поширокиот скопски регион. Кризата предизвика и протести и нереди пред Собранието во Скопје, по што беше формирана влада на национално единство, во која влегоа претставници од сите поголеми партии.

Тенк на улиците на Тетово / Фото: Фејсбук

Во конфликтот загинаа повеќе од 70 припадници на македонските безбедносни сили, и, според проценките, неколку стотици припадници на ОНА, како и десетици цивили од различни заедници. Илјадници луѓе, цивили од зафатените региони беа принудени да ги напуштат домовите, дел од кои никогаш не се вратија во родните места. Во судирите настрада инфраструктура и беа уништени приватни домови, имоти и фирми и беше предизвикана огромна материјална штета.

Македонци раселени во воениот конфликт во 2001 година протестираат пред Собранието / Фото: Фото: EPA/ANJA NIEDRINGHAUS

Со посредство на меѓународната заедница и по повеќемесечни преговори, кризата официјално беше завршена со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор на 13 август 2001 година. Со него беше предвидено разоружување на ОНА, но и серија политички и уставни реформи насочени кон подобрување на правата на заедниците и поголема рамноправност во институциите. Само осум дена по потпишувањето на договорот, припадници на ОНА со експлозив ја разнесоа црквата „Свети Атанасиј“ во комплексот на Лешочкиот манастир.

Разурнатата црква „Свети Атанасиј“ во Лешочкиот манастир / Фото: Фејсбук

Во годините што следеа беа усвоени уставни измени, воведен беше принципот на правична застапеност во јавната администрација, а албанскиот јазик доби поширока службена употреба во делови од државата. Водачот на ОНА, Али Ахмети, основа политичка партија – Демократска унија за интеграција, која потоа беше во власта 20 од вкупно 25-те години што се изминати од воениот конфликт.

За воени злосторства над албански цивили во скопското село Љуботен, во Меѓународниот суд во Хаг беше прогласен за виновен полицискиот командант Јохан Тарчуловски, на 12 години затвор, додека за истото му се судеше и на македонскиот министер за внатрешни работи за време на конфликтот, Љубе Бошкоски, кого судот во Хаг го ослободи од сите обвиненија.

И Али Aхмети и неколкумина членови на раководството на ОНА беа обвинети за воени злосторства во Хаг – за киднапирањето на Македонци, изживувањето над работниците на „Маврово“ и за затворањето на Липковската брана, но тие никогаш не беа судени. Хашкиот суд во 2011 година ги врати предметите во македонското судство. По ова, тогашната власт на Никола Груевски, во која Ахмети со ДУИ беше коалициски партнер, со поддршка од меѓународната заедница, во Собранието изгласа амнестија за овие случаи, наспроти предупредувањата од правните експерти кои реагираа дека според меѓународното право, злосторствата против човештвото не застаруваат и не подлежат на амнестија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот