Пратениците никако да стават точка на секојдневниот неред

Фото: принтскрин

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања (КЕП), Арбр Адеми од ДУИ, со филџан, тацни и пластични шишиња фрлаше по колегите од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, откако го испровоцираа тргајќи му го микрофонот кога сакаше да ја затвори дискусијата со донесување на дневниот ред.

Опозицијата бара оставка, но и одговорност за нарушување на Етичкиот кодекс, а поднесе и кривична пријава по серијата завчерашни инциденти што ги потресоа Собранието и Владата.

Во првиот  инцидент, претседателот на собраниската Комисија за европски прашања (КЕП), Арбр Адеми од ДУИ, со филџан, тацни и пластични шишиња фрлаше по колегите од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, откако го испровоцираа тргајќи му го микрофонот. Најголемата опозициска партија побара оставка и од државниот секретар во Министерството за култура Валмир Азири, исто така член на владејачката ДУИ, а од премиерот Димитар Ковачевски побара да го разреши.

ВИДЕО | Собраниската пресметка меѓу Адеми и Милошоски од друг агол

Поранешниот министер за образование Арбр Адеми се извини за инцидентот, но рече дека не чувствува вина, бидејќи „не употребил насилство туку самиот бил повреден“. Овој првичен инцидент подоцна се прелеа и на социјалните мрежи, каде што Валмир Азири објави дека „ќе крши коски на пратеници“, а подоцна ја избриша објавата на Фејсбук.

ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од Адеми

Ситуацијата во Комисијата за европски прашања ескалира кога завчера попладне, по низ процедурални забелешки од опозицијата, Адеми го стави на гласање дневниот ред за седницата. Според видеото што го објави пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, меѓу кои Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Илми Азири и Халил Снопче, се упатија кон пултот од кој претседаваше Адеми и му го тргнаа микрофонот. Во меѓусебната расправија и туркање, беше искорнат микрофонот, при што претседателот на Комисијата Адеми, се повреди. Филџанот, тацна и шишето вода што ги фрлаше кон пратениците пред себе ги погодија Милошоски и Азири. Претходно, забелешките на опозицијата беа дека власта со европско знаменце и преку Законот за работни односи сака за три години да го продолжи работниот ангажман на повеќе судии и обвинители, кои треба да одат во пензија, наместо тоа да го направат преку законите за судство и обвинителство, за кои, пак, треба двотретинско мнозинство.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција побара оставка од Адеми.

– Јавноста виде дека вчера, на Комисијата, спротивно на Деловникот, Арбр Адеми се обиде да заклучи дневен ред, иако имаше пријавено пратеници што сакаа да го надополнат. Тој ги оневозможи пратениците Снопче, Азири, Стојановска, Милошоски, Петрушевски да го искористат деловничкото право да предложат други точки пред да биде усвоен. Кога беше спречен од колегите пратеници, тој тотално се изгуби и почна да навредува, да влече и да удира, да уништува инвентар, дури и намерно да фрла цврсти предмети, од кои еден директно во главата го погоди колегата Азири. Ова веќе ги преминува сите граници, класичен пример за кривично дело. Повикуваме Јавното обвинителство да реагира, а во исто време бараме да се симне имунитетот на пратеникот Арбр Адеми и да одговара за насилството во законодавниот дом – рече Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Адеми изрази жалење за инцидентот, но не чувствува лична вина за насилството од него врз колегите пратеници. Тој во изјава за „Слободен печат“ рече дека во Собранието не треба да се повторуваат вакви немили сцени и целата вина за инцидентот ја насочи кон Милошоски и опозициските пратеници.

– Изразувам жалење за сите сцени што се случија вчера и за испровоцираните сцени од опозицијата. Тоа не требаше да се случи. Секако, реформската агенда на ова парламентарно мнозинство и на Владата треба да продолжи и не треба да потпаѓаме на вакви провокации од опозицијата, кои се мотивирани од странски агенти за дестабилизација на земјата и за дефокусирање на јавноста од евроинтеграциските процеси. Станува збор за закон што овозможува владеење на правото и затоа опозицијата сакаше да го оневозможи неговото донесување. Такви сцени не треба да се повторат, ни од опозицијата ни од кој било друг. Жалам за ваквите сцени и очекувам ваквите моменти и ситуации да не бидат поттик за судир во Собранието – изјави Адеми.

На прашањето зошто дозволил да биде испровоциран и зошто употребил насилство, тој повтори дека се извинува за немилата сцена.

– Бев на моето столче на работното биро како претседател на Комисијата. Тие дојдоа да спречат гласање на дневниот ред. Во тие моменти кога се исцрпи листата на процедурални обраќања, се случи тоа за да се спречи донесувањето на дневниот ред – изјави Адеми.

На прашањето дали одобрува насилство, бидејќи го употреби, Адеми негираше употреба на сила. Рече дека одбива да коментира видеа што излегле пред целата јавност.

– Насилство имаше врз мене, бидејќи јас бев на моето работно место. Сите пратеници имаат партиска агенда, но таа не смее да биде на штета на институциите и граѓаните. Додека го држев микрофонот, на сила ми го зедоа и физички ме повредија. Овие сцени се за жалење – вели Адеми.

Адеми директно го обвини Милошоски дека под дејство на влијанија од странски служби ја загрозува проевропската иднина на Македонија. Иако неколкупати беше прашан, Адеми не најде вина кај себе за вчерашниот инцидент.

– Јас не сум Милошоски, кој преку телефон монтира случаи за невини граѓани да лежат во затвор. За Милошоски се изјаснија и неговите сопартијци кога рекоа дека со удбашки методи сака да ги пикне граѓаните во затвор. Познато е дека тој е против албанското образование и дека е бугарофил – додаде Адеми.

Опозицијата не дојде на координацијата

Ситуацијата безуспешно се обиде да ја смири претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој свика итна координација на сите шефови на пратенички групи, но претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на АА не присуствувале.

„На координацијата беше донесен заклучок дека собранискиот Деловник ги дава сите можности за работа на Собранието и не дозволува насилство во која било форма. На координацијата, исто така, се заклучи и тоа дека граѓаните самите ќе проценат од снимките што се вртат по социјалните мрежи кој го предизвика инцидентот на Комисијата за европски прашања. Ниту во земјите членки на Европската Унија не се дозволува насилство врз претседавачот со седница на работно тело на Собранието“, соопштија од кабинетот на Џафери.

Со викотници и тензии и вчера продолжи расправата на Комисијата за европски прашања. Опозицијата и мнозинството спореа дали е донесен дневниот ред. Опозициските пратеници ги извадија столчињата од салата за пратениците од мнозинството да не можат да седнат, па така тие простум учествуваа на седницата.

По инцидентот во Собранието, сопартиецот на Адеми, државниот секретар за култура Валмир Азири на Фејсбук се закани со физичко насилство.

„Антиалбанец како Антонио Милошоски заслужува повеќе. Помина времето на продавачите на магла. Новите генерации Албанци ќе им ги скршат рацете и нозете на сите што ќе се обидат да ги омаловажат Албанците“, напиша Азири за подоцна да ја избрише објавата.

Милошоски поднесе кривична пријава

Милошоски, пак, вчера во полициската станица во Центар поднесе пријава против Азири за искажаните закани со физичко насилство и говор на омраза. По пријавата ќе постапува Секторот за електронски криминал и ширење омраза и насилство преку електронски пат, што ги опфаќа и социјалните мрежи.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ достави писмо со барање до премиерот Димитар Ковачевски итно да го разреши Азири. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека пратениците како директни претставници и застапници на граѓаните во законодавниот дом ја избираат Владата, а токму Владата ги назначува своите владини функционери.

– Овој владин функционер вчера повикуваше на физичко насилство со нанесување тешки телесни повреди и ова е кривично дело според членот 394-г од Кривичниот законик, дело со кое се предвидува казна затвор од една до пет години. Токму поради тоа и поради сериозноста на овој инцидент, а и траорноста на вчерашниот ден за демократијата во Република Македонија, дојдовме и лично го поднесовме барањето за остра реакција од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, од кого се бара брза реакција, бидејќи само на тој начин ќе покаже дека е противник на повиците за физичко насилство врз народните избраници и ќе упати силна порака до сите дека ова повеќе не смее да се повтори – рече Мицевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот