Повеќето компании се спремни да примат луѓе со попреченост, ама половината тоа не го примениле, покажува истражување
Возраста, стереотипите и пристапноста се клучни предизвици во пазарот на трудот, велат од Здружението „Икуалиту“, кое објави истражување за трендовите и бариерите со кои се соочуваат младите, жените и луѓето со попреченост при вработување.
Препорачано
Според анализата, спроведена меѓу компании и целните групи, се забележува јаз меѓу стратешките начела и реалноста.
„Во делот со луѓето со попреченост, 76,9 отсто работодавачи сметаат дека нивниот сектор е погоден за ангажирање на оваа категорија граѓани, но во 56,5 проценти од компаниите тоа сè уште не е применето. Причините најчесто се поврзани со недостиг на кандидати, природата на задачите (теренска/физичка работа, машини, патувања) и недоволно прилагодени позиции“, е еден од заклучоците.
Иако доминантен дел од испитаниците се „за“ ангажирање, сепак според „Икуалити“ не се за занемарување ниту оние 23,1 отсто со спротивен став.
„Овој наод укажува на релативно високо ниво на отвореност, но и на постоење на значителен дел од работодавачите кај кои сè уште постојат резерви или бариери за вработување“, потенцираат истражувачите.
Меѓу тие со негативни одговори, како пречки споменуваат „патувања“, „работа со клиенти“, „просторот во фабриката не е физички пристапен“, „чести посети на терен“, „работата вклучува работа на берба и сортирање“ и „машините се небезбедни“.
Наодите покажуваат дека младите се соочуваат со ограничен пристап до вработување бидејќи компаниите доминантно се фокусираат кон возрасната група 26-35 години. Во однос на жените како целна група, и покрај застапеноста во одредени сектори, сè уште се присутни стереотипи поврзани со родителството и напредувањето.
„Забележително е доминантното присуство во текстилната индустрија, трговијата, консалтингот, банкарството и осигурувањето, наспроти помала застапеност во земјоделството, преработувачката, автомобилската индустрија и ИТ секторот. За лицата со попреченост, иако постои висока декларирана отвореност, реалното вработување е ограничено. Истовремено, компаниите препознаваат позитивни стратегии како еднаков третман, можности за развој, родова застапеност во лидерство и флексибилност, што укажува на потенцијал за унапредување на инклузивните практики доколку се адресираат постојните бариери“, пишува во конечниот наод на истражувањето.
Иако мнозинството млади активно аплицира за работа и користи формални канали како веб-платформи и професионални социјални мрежи, дел од испитаниците остануваат пасивни и демотивирани, што според „Икуалити“ упатува на ограничени можности, или недоверба во процесите на вработување.
„Кај жените, иако дискриминацијата не е доминантно искуство, сè уште опстојуваат родови стереотипи поврзани со семејните обврски и професионалниот напредок. Лицата со попреченост се во најнеповолна позиција, со ограничени можности за вработување и недоволно прилагодени работни услови, што ја нагласува потребата од поизразени инклузивни и индивидуализирани пристапи“, стои во истражувањето.
Додека се „крчка“ регистар, луѓето со попреченост остануваат само статистичка бројка


