Повеќеслојна критика на влијанието на технологијата упатува проектот „Патник“ на Билјана Исијанин и Сандра Котевска
Проектот „Патник“ e колаборативно истражување и реализација на Билјана Исијанин и Сандра Котевска и претставува повеќеслојна критика на зголеменото влијание на технологијата во обликувањето на човечкото искуство.
Базичниот контекст во проектот „Патник“ на Билјана Исијанин и Сандра Котевска лежи во контрастот помеѓу дигиталното и мануелното, помеѓу генерираните содржини со вештачка интелигенција (ВИ) и хуманистичкиот интелект и индивидуален влог. Изложбата е поставена во објектот „Мала станица“.
– Проектот се состои од повеќе елементи, но самото јадро има два опонентни акценти и тоа дигитално испечатена фотографија генерирана со вештачка интелигенција, од експерименталниот проект на ВИ илустрираната книга „Патник“ на Исијанин и уметничка слика (триптих) изработена со акрилни бои на истата визуелна предлошка, насликана од страна на Котевска. Оваа суштинска двојност – точната реплика на имиџ изведен од вештачката интелигенција и нејзина реинтерпретација преку човечката креативност – воспоставува визуелен дискурс за суштината на претставувањето во дигиталната ера.
„Врзивно ткиво“ на двете дисонанци е инсталација од скршено стакло и неискршени чаши поставени на постаменти, на кои се испишани извадоци од Ничеовата „Така зборуваше Заратустра“, интервенција која концептуално, мисловно ги поврзува двата дискурси на делото. Овие фрагменти предизвикуваат непријатна атмосфера, нагласувајќи го деликатниот и неисправен процес на конвертирање на пресметливите симулации во опипливиот домен на човечката уметност.
Последен елемент е аудитивниот, кој се состои од компилирани планетарни звуци, снимени од „НАСА Планет саундс“, со уникатно изработена звучна интервенција од страна на Јошио Мачида. Звуците додаваат аудио слој што го нагласува чувството на отуѓеност од познатото на човечкото искуство, претворени во звучни фреквенции од технологијата, нагласувајќи како технологијата го подобрува и го ограничува нашето разбирање за космосот. Музиката на Мачида, која се карактеризира со сложени модели и непредвидени ритми, ја подобрува длабочината и непредвидливоста на овој звучен пејзаж, повторувајќи ја вознемирувачката сензација на реалноста обликувана од машинското влијание врз нашите перцепции – детално образложува кураторката Ана Франговска.
Во контекст на проектот, биографиите на авторките се преземени од ЧатГПТ. Билјана Исијанин е уметник и куратор чија работа опфаќа различни медиуми, вклучувајќи визуелни уметности, перформанси и инсталации. Tаа е позната по своите истражувања на идентитетот, меморијата и социо-политичките теми. Исијанин често се занимава со пресекот помеѓу личната историја и колективното искуство, создавајќи дела кои се и интроспективни и социјално релевантни.
Во својата уметничка пракса, Исијанин често вклучува мешани медиуми, користејќи широк спектар на материјали и процеси за да ги изрази комплексните наративи и емоции. Нејзината работа може да вклучува елементи како што се фотографија, скулптура и дигитални медиуми, често комбинирајќи традиционални уметнички форми со современи практики.
Сандра Котевска е талентирана македонска уметница позната по своето работење во различни уметнички области, вклучувајќи сликарство и визуелни уметности. Таа е позната со својот уникатен пристап кон уметноста, комбинирајќи традиционални техники со современи влијанија. Иако специфични детали за нејзината биографија не се широко познати, уметниците како Котевска често имаат значителен придонес во културниот пејзаж на своите земји, истражувајќи и преинтерпретирајќи го своето наследство, емоции и општество преку визуелна експресија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 259, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-9.12.2024)