Училница / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Над 400 вработени во средните училишта во Гостивар се закануваат со тужби и со протести

Над 400 вработени во средните училишта во општина Гостивар речиси еден месец чекаат К-15, информираат од гостиварскиот огранок на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК).

Тафа Амети, претседател на регионалниот одбор на СОНК – Гостивар појаснува дека претседателите на синдикалните организации пред две недели доставиле писмени дописи со опомени пред тужба до училишните управи и Општина Гостивар, а до трудовиот инспектор и жалба.

– До денес немам повратна информација и како синдикат размислуваме да преземеме соодветни правни чекори. Баравме прием за разговор со градоначалникот. Во план ни е да имаме предупредувачки бојкот на наставата, протести или тужба до Основен Суд Гостивар, секако во договор со членството ќе одлучиме за соодветниот чекор – изјави Амети.

Според првиот синдикалец овој паричен додаток не е исплатен само во четирите средни државни училишта (СОУ Гостивар, ОСТУ Гостивар, СОМУ Гостивар и СЕОУ Гостивар).

Регресот за годишен одмор е обврска пропишана со закон и треба да им биде исплатен на сите вработени. Средствата за вработените во образованието ги обезбедува државата, преку блок-дотациите кои на месечна основа треба да бидат исплатени на општините и самите општини од своите буџетски средства. Тој според последните пресметки изнесува околу 12 илјади денари.

– Вработените во образование во средните училишта се единствени во државата кои не можат да го остварат ова законско право. Затоа апелирам до МОН да ги пушти предвидените средства, а општината својот дел. На тој начин и наставниците ќе ги добијат парите – вели Амети.

За проблемот кој настанал со исплатата на К-15, од Општина Гостивар велат дека Министерството за образование и наука ги нема уплатено блок-дотациите за средните училишта. Од локалната самоуправа потврдија дека вработените во основните училишта го примиле додатокот во декември. За настанатиот проблем веќе се барало решение на состанок минатата недела, рекоа од општината.

Последните два месеци од минатата година со локалната власт раководеше владин повереник, сè до избор на нов градоначалник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот