Влатко Кешишев Фото: Слободен печат/Мирослава Симоновска

После убиството, сите молчеа и не ги спомнаа мајката и таткото на Вања, тврди Кешишев

Влатко Кешишев, еден од обвинетите за убиствата и грабнувањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски денеска во судница одговараше на прашања поставени од првоосомничениот Љупчо Палевски викан Палчо. На минатото рочиште Кешишев одговараше на прашањата на својот адвокат и на обвинителството, ама Палевски не беше присутен во судницата, поради тоа што тврдеше дека има страв да ја зборува вистината во присуство на Палевски.

Велибор Манев и неговиот адвокат немаа прашања за Кешишев.

Адвокатот на Боре Видевски го праша Кешишев од каде тргнал и по која рута се движеле во времето на убиството на Панче Жежовски. Кешишев ја објаснуваше патеката што ја поминале со автомобилите „рено кангу“ и рече дека тој ги фрлил лопатите после копањето, зашто таа задача му била доделена.

-Во Велес јас чекав покрај пругата кај црниот паркинг-плац и ги чекав да дојдат. После саат време дојдоа со „цитроенот“, паркираа покрај мене, ставивме гориво во „цитроенот“, потоа влезе Велибор со мене во „кангуто“ за да ми кажува во кој правец да возам. А по нас се движеа Палчо и Боре со „цитроенот“. Покрај езерото возевме и скршнавме кај местото Рудник. Јас се паркирав кај самиот пункт. Велибор излезе од „кангуто“ и појде со Палчо и со Боре со „цитроенот“ до јамата. И ги чекав во колата пола саат мислам. Потоа, дојде Велибор, седна покрај мене во „кангуто“ и ми кажа каде да возам. Се спуштивме покрај пунктот да излеземе на автопатот. Ми кажуваше каде да возам. Оттаму се приклучивме на самиот пат за Катланово, а по нас со „цитроенот“ одеа Палчо и Боре на растојание. Со Велибор имаа контакт преку моторола. Така стигнавме до првата населба Маџари. Ми кажаа да се паркирам на поширок паркинг плац. Тогаш стигнаа со „цитроенот“ Палчо и Боре и се паркираа позади нас. Палчо го избриша воланот и менувачот со WD- 40, па влезе во „кангуто“. Потоа стигнавме до штабот.

Во врска со грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска, Кешишев рече дека во зградата на „Наум Наумовски Борче“ 87  бил двапати, еднаш кога неуспешно било грабнувањето и вторпат кога било „успешно“.

-Првиот пат кога се проба и вториот пат кога се изврши, тогаш бев во зградата на Вања, претходно не сум одел – рече Кешишев.

Потоа следуваа прашања од адвокатот на Александар Ѓорчевски кон Влатко Кешишев.

Едното од нив поставено од адвокатот Владимир Туфегџиќ кон Кешишев беше: Кажавте дека една година претходно сте биле во штабот кога се правеле плановите за грабнувања, а со кои вие не сте се согласувале. Дали во ваше присуство имало разговори за повеќе лица кои требало да бидат грабнати пред да се донесе одлука за грабнување на личноста во зградата во Скопје?

-Знаев првиот пат кога ја ископавме дупката дека ќе биде наменета за киднапирање. После тоа немаат разговарано, барем колку што се сеќавам за други случаи додека не се случи тоа во Велес, со Панче. Да, слушав муабети, секогаш не до крај, бидејќи не ме интересираше. Бидејќи мина долго време, се правеа тие муабети, а немаше ништо до моментот со Панче. Јас на почетокот тоа не го сфатив здраво за готово, додека не се случија тие работи што се случија – рече Кешишев.

Откако го земавте „цитроенот“ од Велес и се вративте во Скопје, каде и кога за првпат слушнавте договарање за грабнување на друга личност?, праша Туфегџиќ.

-Мислам дека беше првиот пат, кога немаше успех. После вториот пат, се случи тoa – одговори Кешишев.

Колку средби и состаноци имало во ваше присуство пред да се донесе одлука за грабнување на личност од зградата во Скопје?, го праша Туфегџиќ Кешишев.

-Кога доаѓаше Велибор во штабот, се почнуваше таа тема – рече Кешишев.

За таткото Александар Ѓорчевски повтори дека не чул Палевски некогаш да разговара или да се договара со него.

Дали сте знаеле дека има фотографија од конкретната личност што требало да биде грабната во Скопје?, праша Туфегџиќ.

-Не, првпат ја видов сликата кога се вративме од настанот во штабот кога почнав да отворам Фејсбук и ја видов сликата од детето. Дотогаш немам видено никаква слика – рече Кешишев.

На прашањето кога Кешишев првпат дознал за таткото на детето, тој одговори:

 

-Па мислам кога го доведоа во Беко слушнав дека разговараат со родителот на детето.

 

Дали тој ден кога е грабната личноста од зградата во Скопје со вас имавте мобилни телефони на самото место или имавте само мотороли?, праша адвокатот на Александар Ѓорчевски.

-Никој немаше мобилни телефони и имавме само 3 мотороли, телефоните ги оставивме во штабот – рече Кешишев.

 

Туфегџиќ го праша Кешишев дали слушнал дека некој кажал дека девојчето е по грешка грабнато и дека не требало да биде таа личност?

-Не, бидејќи бев понастрана 20 метри и немав слушнато ништо. Бев ставен да посматрам дали ќе помине некој – одговори Кешишев.

Адвокатот Туфегџиќ продолжи да прашува дали после убиството на детето некој во присуство на Кешишев ги споменал мајката и таткото на детето?

-Не никојпат, сите молчеа. И јас – рече Кешишев.

Палевски го почна своето испрашување на Кешишев со краток вовед.

-Сум ги прочитал сите 9 записници на Јавното Обвинителство и ги користам за да поставам квалитетни прашања и се надевам дека тоа не е некое тешко кривично дело што имам сознанија што кој кажувал и кој колку лажел и бил контрадикторен, и тоа е причина зошто не се читани записниците од исказот што Влатко Кешишев го дал пред Обвинителството – рече Палевски.

Палевски го праша Кешишев дали слушал закани во периодот од две години колку што бил во штабот од Палевски кон Кешишев.

-Не никогаш – рече Кешишев.

Палевски го праша Кешишев, дали некогаш посведочил Палевски да уценува, да се заканува и навредува луѓе.

-Не, секогаш им даваше на другите совет – рече Влатко Кешишев.

Во три искази дадени пред Обвинителството, Кешишев не го изговорил зборот „ранец“, рече Палевски, а потоа во судница го споменувал и објаснувал за моторолите во него.

-Се сетив бидејќи ги видовме на видеоснимка и не можеше да го побијам тоа и се гледа ранецот, дека го земам и го носам – одговори Кешишев.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот