Поранешниот владин секретар доаѓа во суд, но не и да сведочи за „Талир“

Поранешниот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски, доаѓа во суд на рочиште за предметот „Титаник“, но по втор пат не дојде да сведочи за „Талир 2“, каде што остана да биде обвинет само поранешниот премиер Никола Груевски. Денешното рочиште се одложи бидејќи Божиновски наводно ја сменил адресата, па поканите што ги праќал судот не му стигале.

Обвинителката што го води случајот, Ленче Ристоска, побара одбраната да направи напори да го обезбеди сведокот бидејќи на 27 април истекуваат 90 дена и судењето ќе треба да почне од почеток.

– Го честитам денот на правосудството и ваквиот ден ни наложува да не дозволиме да не застанат постапките. Божиновски втор пат не се појавува и барам да се направат напори да се обезбеди да сведочи бидејќи на 27 април ни истекуваат 90-те дена, ќе треба пак да почне судењето од почеток – рече Ристоска.

Адвокатот на Божиновски рече дека се гледале само на рочишта и дека ќе му пренесе да дојде на следното рочиште. Ристоска во меѓувреме ја чека одлуката дали ќе биде изземен од случајот „Талир“, која не ја донесе в.д. обвинителката Анита Тополова – Исајловски, а уште нема информации за одлука и од новиот републички јавен обвинител Ненад Савески, иако за барање за изземање на обвинител за некои предмети се одлучува и за неколку дена.

Советот на јавни обвинители вчера ја одби претставката на Ристоска што ја поднесе за изјавите на премиерот Христијан Мицкоски кој ја нарече „медиокритет“, а таа реагираше дека тие изјави ги смета за политичко влијание врз неа со оглед на тоа што ги води предметите „Талир“ во кои е замрзнат имотот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот