Поранешниот украински претседател Јанукович е осуден на 15 години затвор
Високиот антикорупциски суд на Украина го прогласи за виновен поранешен украински претседател за незаконско присвојување државно земјиште и му изрече казна од 15 години затвор во отсуство, соопшти денеска Специјализираното антикорупциско обвинителство.
Препорачано
Иако обвинителството не го наведе името на поранешниот претседател, деталите од случајот укажуваат дека станува збор за Виктор Јанукович, пишува „Новиот глас на Украина“.
Судот утврди дека Јанукович незаконски присвоил парцела шумско земјиште од 17,5 хектари во Киевската област, во вредност поголема од 22 милиони гривни, со што го прекршил член 191, став 5 од Кривичниот законик на Украина.
Судот за виновен прогласи и негов соучесник според членовите 27, став 5 и 191, став 5 од Кривичниот законик. Сепак, тоа тој е ослободен од издржување на казната поради истекување на рокот за застареност, соопшти обвинителството.
Украина во отсуство го осуди на 15 години затвор поранешниот претседател Јанукович
Според обвинителите, во 2007 година Јанукович, кој тогаш ја извршувал функцијата премиер, иницирал одлуки со цел земјиштето да се пренесе од државна во приватна сопственост. Неговите соработници, наводно, преку посредници поднесувале барања до Киевската регионална администрација за парцели до еден хектар, а подоцна ја менувале нивната намена.
На тој начин, земјиштето било префрлено на компанија под контрола на Јанукович, наведуваат обвинителите.
Во периодот меѓу 2009 и 2011 година, на локацијата бил изграден хотелско-ресторански комплекс, кој поранешниот претседател го користел за лични потреби.
Во декември 2025 година, Апелацискиот суд во Киев ги одби жалбите на одбраната и ја потврди претходната пресуда на Основниот суд Подилски во Киев, со која Јанукович беше осуден на 15 години затвор за организирање нелегално преминување на државната граница на Украина и за поттикнување дезертерство, согласно повеќе членови од Кривичниот законик.


