Поранешниот премиер на Израел Бенет: Путин ме увери дека нема да го убие Зеленски

Поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет изјави дека рускиот претседател Владимир Путин на самиот почеток на војната во Украина го уверил дека нема да нареди ликвидација на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој ми даде две големи ветувања“, рече Бенет во интервјуто објавено синоќа за средбата со Путин на 5 март 2022 година, кога тој отпатува за Москва во обид да посредува набргу по почетокот на руската инвазија.
Знаев дека Зеленски е под закана, во бункерот“. Му реков (на Путин): „Дали имаш намера да го убиеш Зеленски?“ Тој рече: „Нема да го убијам Зеленски“, објасни поранешниот премиер во интервју објавено на неговиот канал на Јутјуб.
„Мора да ми појаснуш. Дали ми даваш збор дека нема да го убиеш Зеленски“, го прашал Бенет Путин, а рускиот претседател повтори: „Нема да го убијам Зеленски“.
Бенет му се јавил на претседателот на Украина веднаш по тричасовната средба со Путин и му рекол: „Штотуку излегов од состанокот – Путин нема да те убие“, изјавил поранешниот израелски премиер.
Зеленски потоа го прашал Бенет „дали е сигурен“, а Бенет одговорил дека е 100% сигурен и повторил дека Путин нема да го убие.
Два часа подоцна, Зеленски отишол во својата канцеларија, направил селфи и напишал: „Не се плашам од Путин“, тврди Бенет

Израелските медиуми наведуваат дека, според непотврдени извештаи, неколку обиди за убиство на Зеленски биле спречени од почетокот на руската инвазија.
Во тие заговори биле вклучени членови на групата Вагнер, безбедносна компанија контролирана од најблискиот соработник на Путин, Евгениј Пригожин, како и чеченските специјални сили.
Бенет посочил дека Путин, исто така, се согласил да не ја разоружа Украина и во истиот викенд Зеленски се откажа од настојувањата Украина да се приклучи на НАТО.
Поранешниот премиер на Израел потврдил дека сè што направил во посредничките напори било координирано со САД.

Тој беше првиот странски лидер кој се сретна со Путин од почетокот на инвазијата. .
Бенет, првиот ортодоксен Евреин кој стана премиер на Израел, отпатува за Москва на еврејскиот ден за одмор, Шабат, кога на еврејските верници не им е дозволено да патуваат според еврејскиот закон, но може да има исклучоци од здравствени или безбедносни причини кога постои закана за животот.
Во пресрет на првата годишнина од руската инвазија, новата влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху размислува за позиција во врска со војната во Украина.
Сè повеќе претставници на одбраната и разузнавањето бараат Израел воено да му помогне на Киев, но не и да создаде раздор во односите со Москва.