Поранешниот ирански претседател Хасан Рохани доби забрана да се кандидира за Собранието на експерти

Фото: EPA-EFE/PETER KLAUNZER / POOL

Иранскиот совет на чувари на исламската револуција му забрани на поранешниот претседател Хасан Рохани повторно да се кандидира на изборите во март за Собранието на експерти, што го назначува и може да го замени врховниот лидер, објавија денеска иранските државни медиуми.

Британските медиуми пренесуваат дека ова 88-члено експертско собрание е основано во 1982 година и е многу влијателно, иако ретко интервенирало директно во креирањето на политиката во земјата.

Врховниот ирански верски лидер Али Хамнеи има 84 години, така што се очекува новото Собрание да има значајна улога во изборот на неговиот наследник бидејќи неговите членови се избираат на секои осум години.

Рохани беше избран за претседател во 2013 година и повторно во 2017 година кога вети дека ќе ја намали дипломатската изолација на Иран.

-Не му беше кажана причината за одлуката на Советот на чувари, изјави извор близок до Рохани, пренесен од британските медиуми. Тој додаде дека Рохани од 1999 година во три мандати е член на ова Собрание и дека ќе биде интересно да се види која е причината за неговата дисквалификација.

12-члениот Совет на чуварите на исламската револуција врши надзор на изборите и законската регулатива, а на последните избори, во 2016 година, дисквалификуваше 80 отсто од кандидатите за пратеници.

Умерените политичари го обвинија Советот на чувари дека го поткопува легитимитетот на гласањето со исклучувањето на кандидатите од изборната трка.

Се очекува актуелните избори да имаат низок одѕив, а Рохани минатата недела изјави дека повеќето луѓе не сакаат да гласаат и дека тоа ќе го фаворизира владејачкото малцинство, кое се потпира на слабиот одѕив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот