Популарниот бенд „Дубиоза Колектив“ одбележува дваесет години постоење

Фотографија: Дубиоза Колектив – Фејсбук

Меѓународно најуспешниот бенд од регионов, „Дубиоза Колектив“ од Босна и Херцеговина, оваа година одбележува две децении постоење. Од првиот настап на „Дубиоза Колектив“ во 2003 и првиот албум објавен во 2004, сѐ до актуелниот „Агрикултура“, имаат снимено 10 албуми, еден ЕП и двоен албум во живо. Со изведби на сите меридијани, тие имаат одржано преку илјада концерти во 42 држави, а на уличните, ад-хок свирки бројот не им се ни знае.

По пандемиската криза, во која за својата публика продуцираа 17 епизоди на нивното „Карантин Шоу“, постпандемиската турнеја на „Дубиоза Колектив“, насловена „Back on the Road“, започна лани во март, а до крајот на декември веќе одржаа скоро 100 концери во 23 земји.

– Во Европа свиревме во сите држави, освен Исланд, Молдавија, Белорусија и Латвија. Би ја искористиле оваа прилика да ги повикаме концертните промотори од овие држави да нѐ повикаат, па и таму во рамки на јубилејната дваесетгодишнина да отсвириме некој концерт, чисто за статистика – вели Ведран Мујагиќ.

– Шегата на страна, доволно е да се помисли на преку илјада тонски проби и четири потрошени комбиња, да пробаме да го помножиме бројот на концетите со бројот на пројдени километри, а сѐ тоа со бројот на денови кои сме ги поминале на пат. Така станавме она што сме – работејќи го она што го сакаме и во кое веруваме. Нашиот живот е музиката и нашите семејства заедно со нас го живеат музичарскиот живот – додава Мујагиќ.

Глобално, „Дубиоза Колектив“ е најдобриот извозен музички производ од Босна и Херцеговина на сите времиња, со огромен број меѓународни концерти, бенд кој во 20 години постоење ја освои публиката од различни возрасти во секој дел од планетата.

„Дубиоза“ поминаа долг пат од клупски концерти до главните сцени на најголемите светски фестивали и турнеи на сите континенти. Пред неколку години ги срушија сите тогашни рекорди на посетеност на сцената на „Егзит“, а настапија и пред половина милион луѓе на полскиот „Вудсток“, денешен „Пол’н’Рок“.

„Гластонбери“ (Обединето Кралство), „Сигет“ (Унгарија), „Роскилде“ (Данска), „Лоулендс“ (Холандија), „Похода“ (Словачка), „Вомад“ (Чиле), „Лолапалуза“ (Германија), „Саут бај Саутвест“ (САД), „Бум Таун“ (Обединето Кралство), „Електрик Касл“ (Романија), „Вина Рок“ (Шпанија) се само некои од големите фестивалски сцени на кои „Дубиоза Колектив“ имаат настапувано во текот на годините, известија од „Пасворд продукција“.

– Овој јубилеј, „Дубиоза“ ќе го прослави во кругот на големото семејство т.е. публиката за која свириме. Не сум некој љубител на прославување јубилеи – истакнува Брано Јакубовиќ – но овој го славиме со надеж дека ќе ја добиеме онаа бомбониера која со години кружи по родендени, а никој не сака да ја отвори, бидејќи секогаш се наоѓа за и понатаму да се подарува. На секој концерт се радуваме како да е прв и свириме како да е последен, а во 2023 година ќе свириме на голем број концерти од кои веќе се најавени настапите во Германија, Франција, Австрија, Бугарија, Белгија, Шпанија, Хрватска, Србија и Словенија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот