Понуда за живот
Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, планира на секој оној од незаконските азиланти кој ќе реши да се врати таму од каде што дошол, да му/ѝ даде по 40.000 фунти, да му/ѝ се најдат. За да се врати, да се вдоми, да си обезбеди покрив над главата и – да остане таму каде што е. Односно, од каде што дошол.
Што да се прави со 40.000 фунти? Британски. Според денешниот курс, тоа се 53.329,69 американски долари, 8.520.327,07 јапонски јени, 2.853.791,89 македонски денари или 46.261,16 евра. Уф, ама се „сроза“ фунтата британска… ех, убавите времиња кога во Њујорк ги делев доларите на пола, и за 100 долари = 50 фунти па „збогум сиромаштијо“ и здраво куфер плус за да се додонесам до дома. А за родната грутка и да не зборуваме, едно време беше евтинија. Ама сега ми се стега срцето. И тоа од две причини. Втората, колку (по)малку се добива кога менувам фунти, тоа е за плачење. И првата, колку е сè поскапено во МКД, тоа е и за плачење и за липање и за викање и за лутење. Аманте, бе, луѓе, па не е ова Лондон, Париз, Стокхолм… Скопје е! Не знам како нема реки луѓе на улици и плоштади да протестираат поради скапотијата и сите придружни елементи што (не)успева да ги обезбеди власта, ама нема, па тоа е феномен(ално)!
Препорачано
Но, да се вратиме на прашањето, што со гореспоменатите пари. Што се однесува до мене, и во овој случај ќе го цитирам мојот законит, дека нема толкава сума пари што јас не можам да ја спискам на патувања, ресторани и кафеани, разни џиџи-миџи, понекоја слика, добротворни цели и, се разбира, гардероба. И ја замислувам и сесрдната поддршка и кимање со глава од мајка ми, која често ја коментираше мојата „широка рака“, „расфрлање“ и недостиг на штедење за да се има и да се најде некогаш за „црни денови“. Не дека сум непрошетана, ненајадена, недарежлива, дека немам што да облечам, скраја било, уште два живота да имам, нема да можам да ги изветвам работите што ги имам, ама па ќефот е голем. И депресијата помала…
Пари за дома
Соочена со повеќегодишниот проблем со незаконските азиланти што среќата решиле да си ја бараат во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, владата тука реши да се обиде со мито (без корупција?!). Во ред, ајде да кажеме по англиски – со финансиска поддршка. Планира на секој оној што ќе реши да се врати таму од каде што дошол, да му/ѝ даде по 40.000 фунти, да му/ѝ се најдат. За да се врати, да се вдоми, да си обезбеди покрив над главата и – да остане таму каде што е. Односно, од каде што дошол. Од Министерството за внатрешни работи велат дека помошта за доброволно враќање е помала од финансирањето престој на оние што чекаат принудна депортација. Чекачите, инаку се сместуваат во хотели низ земјата и добиваат парична помош за храна и живот. Ова не е нешто посебно ново, во последните четири години државата им плати на мигрантите повеќе од 53 милиони фунти за ја напуштат земјата. На овој начин, во 2024 година 3.573 Бразилци се вратиле дома, 915 Индијци во Индија и 271 назад во Хондурас. Од балканските кругови, никој. Додуша, едно време се прошири веста дека некој се пријавил за враќање дома, добил пари, се спакувал и заминал. Ама потоа, по неколку месеци бил виден пак назад во – Обединетото Кралство! Пишуваа и весниците за тоа, како пример дека митото (финансиската поддршка де) не секогаш успева. Верувале или не, и кога е Балканец во прашање.
А што со пари тука?
И каде може да се обезбеди дом за 40.000 фунти британски? Тука, да појаснам, не се гледаат становите и куќите во квадрати. Да ви кажам право, јас и не знам колку е метар квадратен во ЈуКеј, а сто години сум тука. Живеалиштата се рекламираат, се продаваат и се купуваат според тоа каде се, дали имате пари/кредит и со колку спални се. Секако, има разлика и дали е куќа и ако е, дали е одлепена од соседната, залепена до соседната или полузалепена (полуодлепена). Дали има градина и колку бањи има. Дали има двор(че). Колку е оддалечена од најблиската станица – автобуска, железничка, метро, трамвај. Дали има паркови во близина, училишта и тоа од оние подобрите, какво е соседството, дали областа е просперитетна или не баш, но многу од овие можат да бидат менливи категории.
Од „Лондон дејли“ прошетаа низ земјата да видат какво живеалиште тука има за 40.000 фунти. Низ земјата, зашто во Лондон ни гаража не може да се купи за тие пари, последната беше продадена во Челси пред 15 години за 60.000 фунти… Значи на север и во Шкотска. Имоти со една или со две спални, куќарки во низи една до друга, со врати што излегуваат директно на улица и со мали, минијатурни дворчиња и речиси сите со потребно реновирање. Но се наоѓа и понекоја вселива, како онаа со две спални во Дарам и чини помалку од 40.000. Ваша е само за 25.000, една петтина од цената на просечен стан во Британија денес. Исто толку чини и куќа со една спална во Шкотска, во Дамфрис и Галовеј, „залепена“ куќа во Сандерленд, во Тајн енд Веар, на која ѝ треба целосно реновирање плус еден ѕид е малку навален, може да е ваша за 30.000 фунти и најскапата што ја најдоа, со две спални во Елсон лејн, Бишоп Окленд со две спални и со „потреба од модернизација“, како што се наведува во агенцијата, за 34.500 фунти.
Е сега, какви се, такви се, ама изгледа владата е решена овие да ги остави за автохтоното население, а на азилантите да им понуди пари да се снајдат дома. И плус, авионски билети во еден правец. Само што има уште еден проблем. Треба прво да ги најде. Се проценува дека во земјата има околу еден милион доселени, главно незаконски и неевидентирани. Еднаш кога ќе се дојде тука, лесно е да ви се изгуби трагата. Точно, не може да се работи ако не сте пријавени и ако немате број за социјално осигурување, но тоа се чини не е проблем за работа „на црно“. Британците немаат лични карти, не сите имаат пасоши и возачки дозволи (други средства за идентификација), па добра среќа на властите да ги најдат, да направат муабет, да им дадат понуда и да ги вратат стотиците илјади што се тука во потрага по подобар живот по која било цена. И да ги вратат, без да се вратат.
(Авторката е новинарка)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


