Понеделник со ТОП КНИГА од „Блесок“: „Дора Мар и Минотаурот – Мојот живот со Пикасо“

Познатата француска надреалистичка фотографка и сликарка Дора Мар или Анриет Теодора Маркович, како што е нејзиното оригинално име и презиме, умрела во 1997 година во Париз на деведесет години. Во нејзиниот стан во Париз, меѓу многубројните хартии, документи и белешки испишани на француски јазик, пронајден е и црн бележник со записи на хрватски јазик, јазикот на татко ѝ, Жозеф Маркович, кој течно го говорела, иако ретко го користела. Многу е веројатно дека овие белешки на хрватски за неа биле особено драгоцени оти овој јазик, а не францускиот, го поврзувала со чувствата, кои во нејзиниот случај ѝ ги всадувал таткото, а не мајката.

Освен како фотографка, Дора Мар е позната и како муза на Пабло Пикасо. Очекувано, средиштето на нејзините белешки се средбата со Пикасо, односот на овие две креативни личности, од кои едната исклучително доминантна, разделбата и трауматските последици за Дора, како и времето по нивната интензивна врска. Иако белешките во црниот бележник немаат наслов, се чини за соодветно оваа книга да се нарече според еден од најпознатите цртежи на Пикасо, Дора и Минотаурот, од 1936 година. Овој цртеж можеби најсилно ја симболизира природата на нивната врска.

Судејќи според некои наводи, најголемиот дел од недатираните белешки – делумно инспирирани од сеќавањата на разговорите со психоаналитичарот Жак Лакан – се напишани во 1958 и 1959 година. Пишувани се со рака, со виолетово мастило и правилен ракопис. Всушност, Дора Мар во тие години се повлекла од јавниот живот и следните четириесет години, сè до својата смрт, живеела осаменички живот.
Бележникот за кој станува збор – a можно е да се работи за познатиот „бележник од Менерб“, што во книгите за Дора го споменуваат Џејмс Тејлор, Алисиjа Духовне Ортиз и некои други автори – во 1999 година е продаден на аукцијата наречена Последните спомени на Дора Мар. По смртта на анонимниот сопственик, бележникот е пренесен во татковината на татко ѝ на Дора. Бележникот сега се наоѓа во Риека, и е во сопственост на личен познајник на Дора но и познавач на нејзиното творештво. Новиот сопственик ја има контактирано приредувачката Славенка Дракулиќ но под еден услов, и неговото име, како и името на претходниот сопственик, да остане непознато за јавноста.

Без оглед на фактот што се работи за фрагментарен и веројатно недовршен текст, тој претставува драгоцен увид во творечките личности и на Дора Мар и на Пикасо.

За приредувачката:
Славенка Дракулиќ, новинарка и писателка, родена е во Риека во 1949 г. Пишува книги на хрватски и на англиски, а некои се преведени на повеќе од дваесет јазици (www.slavenkadrakulic.com). Американската издавачка куќа Пингвин ѝ има објавено шест наслови. Во публицистичките книги главно се занимава со теми од секојдневието во социјализмот, а по 1989 г. и со војната. Нејзината прва публицистичка книга Смртните гревови на феминизмот (1984) е еден од првите прилози кон феминизмот во бивша Југославија. Потоа следуваат: Како преживеавме, Тие ни мравка не би згазиле, Телото на нејзиното тело и Басните за комунизмот.
Во книжевните дела Дракулиќ е свртена кон женското тело, болеста и траумата, испитувајќи ги и животите на креативните жени кои живееле со познати уметници. Ги објавила романите Холограмите на стравот, Мермерна кожа, Како да ме нема, Фрида или за болката, Дора и Минотаурот и други.
Живее на релација Хрватска – Шведска. Објавува написи, колумни и политички коментари во домашни и странски весници и списанија: The Nation, The New Republic, The New York Times Magazine, The New York Review of Books, Süddeutsche Zeitung, Internazionale, Dagens Nyheter, The Guardian, Neue Zürcher Zeitung и Eurozine.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот