Политичко обединување во време на корона

Даниела Арсовска. / Фото: Архива на Слободен печат

Време е да се обедините, да им помогнете на своите граѓани. Време е да покажете политичка зрелост, да седнете на лидерска средба, за животот, здравјето и задржување на работните места.

Да се зачува здравјето на граѓаните, нивните работни места и да се обезбеди максимална поддршка на реалната економија за да не се дозволи ниту една компанија да исчезне поради кризата, се трите приоритети што ги наложува моменталната состојба за надминување на несаканите последици од ковид-19.

Наместо сите политички чинители во согласност со своите можности и надлежности да работат на реализација на приоритетите, секој ден се изнесуваат спротивставени ставови, партиски надмудрувања околу тоа кој смислил подобар план за излез од состојбата.

Време е да се обедините, да им помогнете на своите граѓани. Време е да покажете политичка зрелост, да седнете на лидерска средба, за животот, здравјето и задржување на работните места. Седете на заедничка маса, секој ден со идеи и предлози, веднаш усвојувајте ја секоја мерка што е добра, заедно со план за реализација, не е време за ситни политички поени, време е за спас.

Најважно е секој да најде начин како да придонесе во оваа фаза за да се спречи ширењето на болеста, а во исто време да се амортизираат штетните последици врз економијата, затоа што во овој момент важно е граѓаните да се здрави, да имаат храна, но да имаат и работни места на кои ќе се вратат по кризата.

Факт е дека новиот вирус брзо се шири, влијае речиси врз сите економии во светот, и на оние многу поголеми и посилни од нашата. Додека светот полемизираше за заговори за трета светска војна што ќе се води со дронови и нуклеарно оружје, отпочна пандемијата ковид-19. Бил Гејтс е еден од неколкуте луѓе кој во свој говор пред пет години предупреди дека следниот предизвик за човештвото нема да биде нуклеарна војна туку заразна болест, за која никој не е подготвен и нема решенија за здравствените ризици.

Нашата Влада донесе сет мерки што треба да ѝ пружат прва помош на економијата, но состојбите брзо ја надминуваат фазата за прва помош, сега е потребна сериозна терапија.

Во Франција владата гарантира заеми во вредност од милијарди, ќе ги одложи плаќањата данок и ќе ги запре сметките за кирии и за комунални услуги за помалите фирми. Шпанскиот премиер во вторникот го претстави пакетот за спас и рече дека владата ќе го обезбеди целиот капитал потребен за да се спречи компаниите да банкротираат. И словенечката влада подготви предлог-закон што предвидува 12 месеци одложување на плаќањето на кредитите за компаниите. Дури и Албанија успеа да обезбеди 330 милиони долари за справување со штетните последици од новиот вирус.

Мотор на македонската економија се малите и средни претпријатија – до 50 вработени, кои вработуваат повеќе од 80 отсто од вкупниот број вработени граѓани. Станува збор за семејства што треба да ги зачувуваат своите работни места, затоа што во голем дел од нашата економија приходите се спуштени на нула и можно е тие да не издржат без соодветна помош.

Многу фирми веќе почнуваат да ставаат клуч на врата, да ги отпуштаат вработените или да ги праќаат на одмор, бидејќи не можат да го организираат процесот, немаат суровини или им е откажан пласманот. Најпогодените сектори уште од овој месец нема да може да остварат приходи да ги покријат ниту основните трошоци за плати и тековно работење, но нема сектор што не е засегнат.  Сојузот на стопанските комори  истакна предлози за поддршка за исплата на нето-плати за оние што беа затворени со владина одлука, бидејќи немаат никаков приход, а вработените се соочуваат со можност да останат без плата во кризен период. Тоа што најмногу ѝ треба на нашата економија во моментов е во приватниот сектор да се инјектираат средства за да се исплатат платите на вработените, како и за основните трошоци,  со што ќе се одржи ликвидноста и ќе се задржат работните места. Во таа насока многу е важна солидарноста на оние што работат добро да ги плаќаат навремено обврските, додека на оние кои се погодени од состојбата да им се овозможи краткорочно даночно одложување на обврските. Треба да се почне веднаш, во спротивно ќе се создаде поголема криза од која нема да може да закрепне економијата на подолг рок. Најважно во моментов е секој да придонесе за да се подобри општата состојба.

Сојузот на стопански комори, покрај тоа што активно учествува во изготвување на мерки за помош, согласно со потребите на реалниот сектор, изготви и информатор за компаниите, за справување со штетните ефекти од коронавирусот, во кој ги дава неопходните информации за начините на заштита, како и објаснување за мерките за помош на економијата, но и практични насоки и совети како да се приспособат на новонастанатата состојба.

Ако се види колкава штета се предизвика за толку кратко време, јасно е дека сега е неопходно проактивно дејствување и брз одговор на реалните потреби за одржување на економијата. Можеби уште поважно е да добиеме реално охрабрување дека состојбите се под контрола и дека се демонстрира проактивно лидерство.

Сите политички чинители треба да знаат дека носат одговорност, сега е времето да ги тргнат суетите настрана, да седнат заедно да изнајдат решение за доброто на државата и граѓаните, и тоа консензуално да го поддржат.

 

(Автор е претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот