Политичките невистини генерираат лажни инфорамции

Граѓани покрај изборни билборди за Локалните избори 2021
Граѓани покрај изборни билборди за Локалните избори 2021 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Вистинитоста но и квалитетот на информирањето во едно општество неизбежно се рефлектираат во степенот на доверба на граѓаните кон општествените чинители што ги информираат медиумите, политичарите, институциите. Според комуникациските експерти способноста на граѓаните да препознаат дезинформација во земјите во регионот е ниска и таа генерално се темели првично на недоверба кон секоја информација додека феноменот е присутен во сите земји од опкужувањето, пред се поради ниската медиумска писменост.

Дезинформациите и странските влијанија се составен дел од македонскиот медиумски простор кој е главен преносител на пораките на политичарите до граѓаните. Токму значењето на дезинформациите се чини добива на интензитет кога тие ги деформираат клучните поенти за одредени случувања кои политичарите сакаат да ги пренесат до граѓаните. Вака накратко граѓаните во земјава ја имаат прифатено состојбата на соочување и процесирање на дезинформациите во јавноста каде според нив за овие состојби најмногу се виновни партиите но и дел од медиумите.

Овие заклучоци се дел од неодамешното истражување на јавното мислење што го реализираше Институтот за комуникациски студии (ИКС) објавено неодамна, како дел од проектот „Користи факти“, македонските граѓани успешно ја развиваат способноста да препознаат дезинформации и да се справат со нив.

Па така меѓу испитаниците од истражувањето доминира мислењето дека политичките партии и медиумите најмногу шират дезинформации. Многу од нив мислат дека можат да препознаат дезинформации, но признаваат дека понекогаш им се случува самите да споделат лажна информација. Граѓаните главно се информираат преку телевизијата, Фејсбук и веб-сајтовите, но многу малку им веруваат на медиумите. Истражувањето е реализирано преку телефонска анкета на примерок од 1.010 полнолетни граѓани во октомври 2022 година, со цел да се утврди свесноста на граѓаните за заканите од дезинформации и нивните извори, да се утврдат знаењето и вештините за препознавање дезинформации, како и однесувањето на граѓаните во однос на дезинформациите.

Консултираните експерти по ова прашање велат дека квалитетот и вистинитоста на информирањето во едно општество неизбежно се рефлектираат во степенот на доверба на граѓаните кон општествените чинители што ги информираат. Засега способноста на граѓаните да препознаат дезинформација најчесто се темели на генерална недоверба кон секоја информација а овој феномен е присутен во речиси сите земји на Балканот, вели социјологот проф. Илија Ацевски.

– Во принцип овдека кај нас но и во регионот, социјалните мрежи се преполни со невистинити, информации и објави. Имајќи го тоа во предвид дека граѓаните всушност највеќе се информираат од овој начин поточно виртуелниот, се случува токму социјалните мрежи да се креатори на размислувањата на граѓаните наместо тоа да се традиционалните медиуми и професионални новинарски куќи. Овој феномен е присутен за жал и во Србија, Црна Гора, Косово и во поширокото опкружување а лек од овие ранливи состојби на оштествата засега тешко може да се пронајде на брз временски период – посочува проф. Ацевски.

За професорката Снежана Трпевска од Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС, која со години ги следи проблемите во медиумската сфера и дезинформациите, забелешката за непрофесионалноста во медиумите не е нешто неочекувано. Таа на неколку пати досега за „Слободен печат“ вели дека носителите најавните функции мора да имаат посебна одговорост при нивните говори и вистиноста во информациите кои ги споделуваат во јавноста.

– Носителите на јавни функции мора да има посебна одговорност во говорите. Според документите на Советот за Европа во препораките за промовирање на кулутра и толеранција се нагласува одговорноста на носителите на јавни фукнции. Тие треба да се воздржуваат од изрази кои може да се квалификуваат како говор на омраза и закани и во исто време треба да ги проверуваат информациите свои пред да ги споделат – вели Трпевска. Според неа лек за ваквата состојба засега се согледува во употребување на алатки за медиумска писменост, процес кој оди споро додека информациите особено оние не проверените одат во секунди.

Интересно е дека резултатите од анкетата на Институтот за комуникациски студии покажуваат дека во Македонија е неопходно е уште да се работи на зголемување на способноста на граѓаните за препознавање на дезинформации и пропагандите кои се присутни во домашниот етер. Дополнително исто така важно е да се работи и на зајакнување на професионалноста во медиумите што би ја вратило довербата кај населението. Според експертите од особена важност е и враќање на довербата кај граѓаните во информациите кои се споделуваат и од политичките партии. Очигледно е дека политичарите први треба да ги поработат на себе, односно да понесат одговорност, да внимаваат што говорат во јавните настапи и да се воздржат од ширење лажни вести за дневнополитички цели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот