Полициските станици „нападнати“ од негрижа

полициска станица
Рушење на полициска станица во Ѓорче Петров

Анализирајќи ги состојбите во просториите каде што се задржуваат приведените лица, двете невладини организации констатирале неадекватни услови и недостиг на административни канцеларии, на службени возила и на простории за разговор со деца.

На полициските станици им треба итна реконструкција, доопремување и изградба на нови специјализирани простории, констатираат во својот најнов извештај Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници. Двете невладини организации ги анализираат состојбите во просториите на Министерството за внатрешни работи (МВР) каде што се задржуваат приведените лица. Инспекцијата е направена во објектите на што се наоѓаат во општините Центар, Битола, Велес, Куманово, Тетово, Штип, Кисела Вода, Струмица и Охрид.

За да се исполнат меѓународните стандарди за заштита на правата на лицата лишени од слобода, потребна е реконструкција на просториите за задржување и на тие за разговор со задржани лица, изградба на нови наместо старите што не ги задоволуваат стандардите, обезбедување доволно службени возила, приспособување посебни простории за разговор со деца, воспоставување функционален видео и аудионадзор во просториите за задржување и за разговор со задржани лица, пишува во Извештајот.

Од „презафатениот“ Центар приведените се носат во Бит-пазар и Кисела Вода

Полициската станица (ПС) Центар располага со само две административни канцеларии и со само една соба за разговор и една соба за задржување, се дел од забелешките.

„Особено загрижува што за лица со телесна попреченост нема соодветен пристап до собите за разговор и задржување. Просторија за разговор со деца воопшто нема во полициската станица, иако понекогаш се повикуваат деца на информативен разговор. Покрај недостигот од простории и административни канцеларии, полициската станица се соочува и со недостиг од службени возила. Така, станицата располага со само две интервентни возила, кои не се во исправна функција и честопати се сервисираат, а исто така се соочува и со недостиг од мотоцикли. ПС Центар поради местоположбата е доста фреквентна станица, но недостигот од материјално-технички услови доведува до тоа приведените лица честопати да бидат пренесени во најблиската полициска станица, како што се ПС Бит-пазар и ПС Кисела Вода“, се констатира во Извештајот.

Како е во Битола, Велес, Тетово…

Полициската станица во Битола, пак, немала пари на задржаните лица повеќе од шест часа да им обезбеди оброк, во просториите за задржување лица немало греење, а  креветите во собите биле нечисти. Во другите простории не бил функционален видеонадзорот, а тоалетот бил нечист и немал врата со што им се повредува приватноста на лицата лишени од слобода.

Во Велес е констатирано дека собите се во подрум и не ги исполнувале условите во поглед на должина, ширина, висина, влажност, дневна и вештачка светлина. Тоалетот и таму бил валкан, без вода и сапун и со предмети што може да послужат за (само)повредување. Едната веце-кабина не била воопшто во функција.

Надлежните од Полициската станица Тетово се пожалиле дека имаат лоша соработка со Центарот за социјални работи од Гостивар, а исто така и со Основното јавно обвинителство Тетово кое многу често им дава насоки лицата лишени од слобода да бидат задржани, а кратко потоа наредува лицата да бидат ослободени. ПС Штип не поседува просторија за разговор со дете и не обезбедува пристап за лица со физичка попреченост, Во Штип имаат само едно за патролно и едно интервентно возило, кое е во полуисправна функција. Им недостигаат и канцелариски материјали (компјутери, тонери, принтери и сл.). Во ПС Струмица нема посебни простории за разговор со лица, а задржаните лица го користат истиот тоалет со вработените во полициската станица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот