Полицијата во Скопје запрела автобус со расипани сопирачки во кој се возеле 85 деца
МВР соопшти дека мобилната единица запрела и казнила возач на автобус кој имал неисправни сопирачки, а во него се возеле 85 деца, дури 37 патници повеќе од дозволеното.
Препорачано
„Денеска (03.04.2026 година) во 07:45 часот на булевар „Борис Трајковски“ во Скопје од страна на полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи извршена е контрола на автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на правен субјект од Скопје, со кој се врши јавен превоз на патници (организиран превоз на деца), при што е констатирано дека во истиот се превезуваат 85 патника, додека дозволено по сообраќајна дозвола е максимум 48 патника, односно возачот Ј.Д. (63) од Скопје, превезувал со автобусот 37 патника (деца) повеќе од дозволеното“, велат од МВР.
„Над возилото е извршен вонреден технички преглед во овластена станица за технички преглед од страна на стручни лица, при што е утврдена техничка неисправност на возилото, односно неисправност на уредите за сопирање (сила на кочење на работна кочница и помошна кочница) и уредите што овозможуваат нормална видливост (скршено ветробранско стакло). Против правниот субјект, одговорно лице во правното лице и возачот Ј.Д. (63) од Скопје се преземени соодветни мерки и ќе се соочат со законски предвидените санкции, додека возилото е исклучено од сообраќај се до отстранување на недостатоците“, додаваат од полицијата, апелирајќи до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Уапсен е полицаец – возел во спротивна насока кај МВР, па му се заканувал на колегата кој го запрел


