„Поларен волк“: И да може, нема каде да се бега од новиот затвор на Навални

Рекреација на затворениците во ИК-3 - Фотографија Атлас на затвори во Руската Федерација

Префрлањето на едно од најизолираните места во Русија се толкува како мерка за негово целосно изолирање спроти претседателските избори, иако Навални ниту може да го предизвика ниту може директно да го загрози претседателот Владимир Путин

Затворската колонија ИК-3, популарно наречена „Поларен волк“, е опколена од висока железна ограда, повеќе за да ги заштити затворениците од диви ѕверови отколку за да спречи бегство, зашто од таму нема каде да се бега.

Најпознатиот руски затвореник, гласниот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, е лоциран токму во оваа озлогласена колонија во зафрленото место Харп од сибирската страна на Урал, оддалечена со десетици километри студ и дивина од најблиските населби, во провинцијата Јамал-Ненец 1.900 километри североисточно од Москва.

Роднините и адвокатите на Навални, неговите симпатизери и поддржувачи, дури и Стејт департментот на САД изразија загриженост за неговата состојба.

– Го поздравуваме фактот што господинот Навални е лоциран. Сепак, остануваме длабоко загрижени за неговата состојба – изјави портпарол на Стејт департментот.

Адвокатот на Навални го посетил и потврдил дека тој се чувствува добро, потврди портпаролката на опозицискиот лидер, Кира Јармуш.

Навални, кој отслужува казна од 30 години затвор, со недели беше недостапен за своите најблиски, поради што се стравуваше дека е тешко болен, дури и дека е ликвидиран. Префрлањето на едно од најизолираните места во Русија се толкува како мерка за негово целосно изолирање спроти претседателските избори, иако Навални ниту може да го предизвика ниту може директно да го загрози претседателот Владимир Путин.

Реновиран гулаг

„Поларен волк“ во 1961 година е отворен како „затворска колонија“, но всушност е гулагот 501, со реновирани ќелии, училници, кујна и трпезарија. Ќелиите во кои вообичаено биле политичките противниците на советскиот диктатор Јосиф Сталин сега се резервирани за криминалци што избегале од затвор или ги повториле делата по ослободувањето.

– Условите се прилично ужасни. Јасно е дека ова е затвор за максимална изолација. Мислам дека Навални е испратен токму тами за да се обезбеди негова максимална физичка изолација. Проблем е воопшто да стасате таму, а не, пак, да добиете дозвола да го посетите Навални – вели бранителот на човекови права Игор Калјапин.

Меѓу ретките политички затвореници во ќелиите на ИК-3 бил и Платон Лебедев, своевремено главниот партнер на олигархот Михаил Ходорковски во „Јукос“. Лебедев отслужувал казна поради затајување данок, перење пари и измама, но се смета дека и тој и Ходорковски беа жртви на политички мотивирани процеси.

ИК-3 секогаш функционирал како колонија во која биле префрлани криминалци што ги повторувале делата. Таму ги префрлале оние што успеале да побегнат од затвор, зашто нема каде да се бега од „Поларен волк“.

– Кој би бегал од таму? На едната страна се стотици километри тундра, на другата се снежните падини на Урал – објаснува Иван Востриков, координатор на движењето на Навални за регионот Тјумен.

На удар на стражари, комарци и муви

Локалните медиуми во Јамал-Ненец го опишуваат ИК-3 како пристојна затворска колонија, во која затворениците посетуваат настава, се хранат здраво и имаат добри услови во ќелиите. Но, луѓе што биле во ќелиите се жалеле и на условите за престој и на полициска бруталност.

Окружното обвинителство во автономната област Јамал-Ненец лани два пати разгледувало пријави дека во колонијата не се почитувале заштитата при работа, противпожарната заштита и санитарните стандарди.

Максим Бахвалов, кој бил во ИК-3 од 2017 до 2020 година раскажува дека на располагање му оставиле само еден чифт зимски чевли и стар шинел. Сергеј Чесноков се жалел дека тенката и изветвена униформа не можела да го заштити од студ и влага, поради што често се разболувал, но не добил нова. Серех Шеихин во 2022 година ја тужел управата на колонијата бидејќи во ќелијата немал природна светлина и топла вода.

Други затвореници се жалеле на „психолошки стрес“ поради условите, а некои обвиниле стражари за мачење.

– Кога затворениците ќе дојдат во колонијата, прво ги носат во бања. По некое време ја запреа водата, во бањата влегоа луѓе со маски и ме тепаа. Во мојот случај тоа траеше половина час. Имаше 15-ина луѓе, и стражари и затворенници. Ме турнаа на подот и ме удираа со палки и тупаници насекаде по телото. Потоа не ме прегледа лекар – раскажал Михо Хулилиѕе, кој бил затворен во ИК-3.

Сериски убијци, терористи и педофили во соседниот „Поларен був“

Во центарот на гратчето Харп е поставена фигура на волнест мамут во реална големина, иако таму никогаш немало мамути. „Осудени“ да живеат во гратчето се луѓето што работат во затворот. Храна и основни производи им доставуваат со авион, бидејќи во околината не вирее ништо – тоа се шуми и мочуришта. Лете огрева сонце, има печурки и шумско овошје, но сезоната не трае долго. Дури ни тогаш никој не навлегува подлабоко во дивината. Поради мочуриштата, долго трае сезоната на комарци и муви. Ги снемува преку долгата зима, кога температурата се спушта и до 40 Целзиусови степени под нулата. Сонцето, пак, со недели не се ни појавува над хоризонтот.

Околу Харп има само студ, мочуришта и диви шуми – Фотографија Сервис за глобално мапирање Јандекс

Управата наведува дека во „Поларен волк“ главно се отслужуваат казни од 5 до 10 години затвор. Приоритет е нивното рехабилитирање, главно преку настава и активности. Главен наставник веќе 11 години е Иван Иванов, кој ги предава сите предмети и ги прегледува испитите. За ручек се служи чорба, обично од зелка, вариво со месо и компот. Попладнето затворениците имаат слободно време да гледаат телевизија, да читаат или да работат во бавчата. Во дворот има поставено кош и се организираат натпревари, како тегнење јаже, но никогаш, ни на наставата ни во трпезаријата ни во дворот не се мешаат затвореници од различни одделенија.

Во Харп има уште еден казнено-поправен дом ИК-18 или „Поларен був“. Таму ги префрлаат најозлогласените криминалци, осудени на доживотни или многугодишни затворски казни – сериски убијци, терористи, водачи на криминални банди или злоставувачи на деца. Во „Поларен був“ доживотна робија отслужуваат Александер Пичушкин, осуден поради 49 брутални убиства во шумата Бицевски кај Москва, Сергеј Буторин – Осја, поради 39 убиства и водење криминална банда, Нур-Паши Кулаев, единствениот преживеан од терористичката група што го изврши масакрот во Беслан во 2004 година, кога загинаа 314 ученици, или Николај Мазгљаков, кој во 2008 година грабнал три ученички во регионот Челјабинск, ги силувал и ги убил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот