Погледнете како ќе изгледа комплексот „Ист гејт“: Ќе никне огромен мол со најголемата „Зара“ (ГАЛЕРИЈА)

„Ист гејт“ (Источна порта) ќе се состои од голем трговски центар, десет станбени и пет деловни згради, при што вкупната инвестиција ќе изнесува 350 милиони евра.

На просторот каде што некогаш беше Скопскиот саем забрзано се гради. Овде треба да никне еден цел „мини град“ со станбени згради, деловни објекти, мол, паркови.  Просторот е околу 500.000 квадратни метри и веќе долго време е мета на инвеститорите, а сега го гради компанијата „Балфин груп“ на албанскиот бизнисмен Самир Мане, која во Македонија е најмногу позната по синџирот продавници „Нептун“.

Денеска се најави дека во периодот септември-ноември наредната година, во рамките на овој комплекс ќе биде отворен третиот по големина трговски центар, во кој ќе биде сместена најголемата „Зара“ во регионот.

Игор Давков, генерален извршен директор на „Ист гејт мол“, рече дека во изминатите две години напорно работеле на креирање портфолио на закупци, кои во целост ќе ги задоволат потребите и очекувањата на потрошувачите, не само во државата туку и во регионот.

– Трговскиот центар на ретаил-пазарот во Скопје ќе донесе повеќе од 20 нови светски модни брендови, ќе овозможи отворање трговски единици што по својот формат и големина одговараат на форматот и големината во кои најголемите модни брендови отвораат продавници во светските метрополи, а со тоа овозможуваат и сосема поинаков квалитет и квантитет во понудата кон крајниот потрошувач. Веќе имаме потпишано комерцијални услови и договори за закуп со повеќе од 150 трговци, па така денес, повеќе од една година пред отворањето на трговскиот центар, тој е издаден повеќе од 80 проценти – рече Давков.

Според првичните проценки, со отворањето на центарот се очекува отворање и на 2.500 работни места, кои, како што најави Давков, ќе имаат влијание врз намалувањето на невработеноста во земјата, посебно кај помладата популација.

Според деталната презентација на проектот што се одржа пред неколку години, шопинг-центарот требаше да се отвори оваа есен. Покрај молот, на 57.000 квадратни метри, се најавени и резиденцијалниот комплекс од 10 згради со вкупно 1.600 стана, а петте бизнис-центри ќе располагаат со 66 илјади метри квадратни нето-површина. Целата инвестиција е 350 милиони евра, а проектот го изработи фирмата на познатиот турски архитект Керем Јазган, „Јазган дизајн“, а во неговата реализација ќе бидат вклучени претежно домашни фирми.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот