Погледнете каде завршува бајатиот леб: Некој и од ова заработува!

фото: Слободен печат

Лебот и белите пецива што не се продаваат секој ден се враќаат од рафтовите на продавниците во пекарите. Одредени количини може да се купат еден ден подоцна по намалена цена, но верувале или не, најголемите количини од стариот леб, популарно познат како „бајат“ го јадат добитокот и кучињата!

Во околината на Скопје може да се најдат повеќе продавнички и помали маркети, кои покрај тазе лебот и пецивата, на купувачите им нудат и „бајат“ леб, кој според нив го купуваат луѓето кои одгледуваат добиток и кучиња.

„Слободен печат“ разговараше со вработен во една од продавниците, кој ни кажа дека секојдневно кај нив се продава стар леб и тоа по цена од 5 до 10 денари, а тие истиот го набавуваат од поголемите фурни во градот и нивната заработка од продажбата на „бајатиот“ леб е од 2 до 3 денари.

– Во нашата традиција лебот се почитува и сè уште многумина сметаат дека е грев да се фрли. Тогаш, не гледаме никаков проблем ако неискористениот леб се користи за да се хранат свињи, говеда или кучиња, наместо да се фрли. Тоа е најдобриот начин да се користи лебот, да не се фрла и сите да имаат корист од тоа – вели тој.

фото: Слободен печат

Големите пекари, и покрај нивното планирање за производство, секогаш печат поголема количина леб, според очекуваниот промет. Она што не се продава истиот ден за човечка потрошувачка, може да се искористи следниот ден, а потоа кај пекарите пристигнуваат оние што купуваат на големо.

– Лебот и пецивата кои што ќе ги вратат нашите дистрибутери веднаш го продаваме по пониска цена. Истата зависи од тоа колкава количина на стар леб се купува, па така една гајба со 25 леба се продава од 7 до 10 денари за еден леб. Искрено не знаеме колку точно продаваме дневно, затоа што бројката на вратени лебови варира, а тие што ја купуваат претпоставуваме дека ја користат за исхрана на стока – ни изјавија од една од фурните во градот.

Според информациите до кои дојдовме, за свињите и телињата не се избира видот на леб, додека одгледувачите на кучиња ги избегнуваат ‘ржаниот, затоа што е посен и „тост“ лебот поради тоа што има шеќер.

Најчестите потрошувачи и најредовните клиенти се одгледувачите на кучиња, додека сточарите го купуваат „бајатиот“ леб кога нивните штали се празни или кога пченката е скапа.

фото: Слободен печат

– Убаво е човек да се сети како да заработи пари, а на нас ова ни е добредојдено. Кој можеше да замисли дека ќе ги гоиме свињите со леб. Тие напредуваат уште подобро кога јадат леб, се хранат повеќе и јадат помалку сточна храна, така што гоењето е поевтино на крајот – вели еден одгледувач на свињи кој купи две гајби со бел леб за 500 денари.

Во една помала пекара која ја посетивме, исто така ни понудија стар леб кој според нив е многу купуван од оние кои чуваат кучиња.

– Кај нас тазе леб се продава по 20 денари, додека истиот веќе следниот ден го продаваме по цена од 15 денари, иако е малку потврд, сепак луѓето го купуваат. Сепак, ден подоцна, иако не ни останува премногу стар леб, тој го продаваме по цена од 7 денари, а како што ви кажав, истиот го купуваат оние кои чуваат кучиња, барем според нашите сознанија – вели една продавачка во пекара.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот