ПОЧНУВА „ВИНТЕРЛЕНД 2019“: Програма за деца и возрасни на плоштадот „Македонија“

Фото: Слободен печат

Новогодишната елка што е поставена на плоштадот „Македонија” ќе светне вечер во 19:30 часот, а ќе почне со работа и новогодишниот базар „Винтерленд 2019″. Со тоа, во Скопје официјално почнува празнувањето во пресрет на највеселиот ден во годината, а граѓаните ќе имаат можност да ја почувствуваат новогодишната магија и да уживаат во разновидна забавна програма.

Како што соопшти Град Скопје, новогодишните куќички на „Винтерленд” се сместени на новиот плочник меѓу ГТЦ и плоштадот, а новогодишната програма ќе трае 25 дена – од отворањето на базарот до 31 декември, до дочекот на Новата 2020 година. Во близина на куќичките ќе биде сместена и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани што ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. На овој простор ќе има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер.

Во работните денови секој ден ќе има два часа детска програма, која ќе почнува околу 16 часот, а подоцна ќе има три часа програма за возрасни. За време на викендите е планирана целодневна програма, која ќе почне точно напладне.

Град Скопје ги поканува граѓаните вечер да дојдат на плоштадот „Македонија”, од 17:30 часот да ја проследат детската новогодишна програма, а потоа во 19:30 часот да присуствуваат на осветлувањето на новогодишната елка. Сите заедно да уживаме во културно-забавните содржини што ќе ги збогатат деновите до најлудата ноќ, се наведува во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот