Вработените во белгиските затвори почнуваат со национален штрајк – се жалат на пренатрупаност и насилство
Затворскиот персонал низ цела Белгија денес започна национален штрајк во знак на протест поради пренатрупаност, зголемено насилство и голем обем на работа во затворскиот систем на земјата, пренесува Анадолу.
Препорачано
Штрајкот започна во 6 часот наутро по локално време откако разговорите меѓу синдикатите и кабинетот на белгиската министерка за правда Анелис Верлинден завршија без договор за мерките за справување со пренатрупаноста и условите во затворите.
Директорите на затворите јавно го поддржаа штрајкот, што претставува редок потег, опишувајќи ја ситуацијата како „неодржлива“.
Се очекува Матилде Стенберген, раководителка на белгиската затворска служба, да го посети местото каде што се одржува штрајк, затворот „Лантин“, како поддршка за персоналот.
Според јавувањата, во белгиските затвори има 13.733 затвореници и покрај официјалниот капацитет од 11.064 места, додека 754 затвореници, според наводите, спијат на душеци на подот.
Синдикатите предупредија дека недостигот на кадар и насилството во затворите се влошуваат и би можело дополнително да се интензивираат за време на летниот период на годишни одмори.
Затворските власти соопштија дека бројот на сериозни инциденти во затворите се удвоил во текот на изминатата година, а отсуствата поврзани со повреди на работното место предизвикани од агресија се зголемиле за повеќе од 30% во изминатите две години.
Белгија не е единствена со ваков проблем. Минатата година стигнаа информации дека француските затвори се блиску до „точката на експлозија“ поради преоптоварување на капацитетот.
Австрија исто така се обидува да ја реши кризата во затворите со зголемување на капацитетите, но без доволно кадар и услови тоа ја влошува ситуацијата. Во Австрија, особено алармантен е растот на бројот на малолетни затвореници. За само една година, нивниот број се зголемил за 46 проценти. Во 2024 година имало 125 малолетници во притвор, додека на крајот од 2025 бројката достигнала 182.
Пренатрупани се затворите во Австрија, расте ризикот од насилство
Ваквата ситуацијата предизвика критики од Европскиот комитет за спречување на тортура, кој минатиот месец предупреди дека постои ризик пренатрупаноста во затворите во Европа да доведе до „нехумано однесување и понижување на затворениците“.


