Фото: Влада на РСМ

Почна изградбата на фабриката за литиум-јонски батерии

Во Технолошко-индустриската развојна зона – Скопје денеска беше одбележан почетокот на градбата на фабрика на германската „БМЗ груп“, која се занимава со изградба на литиум-јонски батерии. Инвестицијата изнесува 65 милиони евра, се очекува фабриката да биде готова до мај следната година, а извозот во првите три години да достигне најмалку 60 милиони евра.

Јелица Ивановска, генерална директорка на „БМЗ Македонија“, информираше дека сега најмногу извезуваат во Германија и во Полска, но и во сите европски земји.

Фото: Влада на РСМ

– Ние веќе произведуваме. Сега во моментот работиме во „браунфилд“ лоциран во поранешните простории на фабриката „Раде Кончар“, односно во постоен објект што е приспособен на потребите на бизнисот. Во моментов имаме 110 вработени во сите сектори и работиме со пет функционални валидирани линии. Започнато ни е комерцијалното производство, со тоа што ни треба многу повеќе простор. Таму каде што сме сега, не е доволен просторот. Ова ќе биде нова и модерна фабрика и планирано е да имаме во првата фаза што сега ја градиме 40 линии, а вкупниот број вработени треба да стаса меѓу 770 и 1.000 вработени – рече Ивановска.

Фото: Влада на РСМ

На настанот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека охрабрува фактот што по подолго време на негативни стапки за индустриското производство, конечно во јули имавме податоци за негов раст од 3,8 проценти.

– Очекуваме овој тренд да продолжи и во третиот и во четвртиот квартал имајќи предвид дека на вчерашната седница на Владата беше донесена одлука за 500 милиони евра заем од Унгарија. Овие пари се со развојна компонента, 250 милиони евра ќе бидат заем за бизнис-заедницата под услови што ги земаме, а тоа се 3,25 проценти каматна стапка, три години грејс-период и 12 години рок на отплата, нешто што во моментов на пазарот за ваков тип кредити го нема и останатите 250 милиони евра се повторно со развојна компонента, односно за финансирање капитални инвестиции во општините – изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот