Почна електронското пријавување за сместување во студентските домови за академската 2025/2026
Студентите од втора и повисоките години може да аплицираат до 31 јули, додека бруцошите ќе конкурираат во септември
Од денеска започна електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови низ државата за академската 2025/2026 година. Пријавувањето, кое се однесува на студентите од втора и повисоките години, како и на апсолвентите, ќе трае до 31 јули.
Препорачано
Министерството за образование и наука информира дека студентите од прва година ќе можат да аплицираат по завршувањето на уписниот рок на факултетите, во периодот од 10 до 17 септември.
Пријавувањето се врши исклучиво електронски, преку интернет-порталот e-uslugi.mon.gov.mk, каде што се пополнува апликацијата и се прикачува потребната документација. Секој студент може да конкурира само за еден студентски дом. Доколку по објавата на конечните списоци останат непополнети капацитети, пријавувањето ќе продолжи до нивното пополнување, но најдоцна до 30 ноември.
Според конкурсот, слободни се вкупно 4.264 места во домовите во Скопје, Штип, Битола, Тетово, Охрид и Прилеп. Од нив, 851 место се наменети за бруцоши, а 3.413 за студентите од повисоките години.
Поради тековна реконструкција, студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје остануваат затворени, со најава дека ќе примаат студенти од вториот семестар.
Најголем капацитет има „Гоце Делчев“ во Скопје (1.212 места), а следуваат „Пелагонија“ (997) и „Томе Стефановски – Сениќ“ (335). Во останатите градови достапни се:
385 места во „Кочо Рацин“ – Битола
330 во „Орде Чопела“ – Прилеп
242 во „Никола Карев“ – Охрид
295 во ДСД „Тетово“ и 120 во ПСД УЈИЕ – Тетово
236 во „Браќа Миладиновци“ – Штип, како и дополнителни 112 места во приватните домови „Хилјадников“ и „Логос“.
Конечните списоци за студентите од втора и повисоките години ќе бидат објавени до 6 септември, а за бруцошите најдоцна до 30 септември. Приговори ќе може да се поднесат во рок од 10 дена од објавувањето.
Студентите кои ќе бидат примени се должни да се вселат најдоцна 10 дена по објавата на конечниот список и потпишувањето на договорот со домот.


