Почина Декстер Скот Кинг, најмладиот син на Мартин Лутер Кинг Џуниор

Декстер Скот Кинг / Фото Globe Photos / Zuma Press / Profimedia

Декстер Скот Кинг, најмладиот син на д-р Мартин Лутер Кинг Џуниор, почина на 62-годишна возраст, соопшти Кинг центарот во Атланта. Членовите на семејството изјавија дека тој починал по битка со рак на простата, пренесува Би-Би-Си. Декстер Кинг беше активист и служеше како претседател на Кинг центарот.

Роден во Атланта во 1961 година од активистите за граѓански права, д-р Кинг и Корета Скот Кинг, Декстер Скот Кинг го добил името по баптистичката црква Декстер авенија во Монтгомери, Алабама, каде што неговиот татко служел како свештеник. Имал само седум години кога бил убиен неговиот татко.

Братот на Декстер Кинг, Мартин Лутер Кинг Трети, рече дека е „многу тажен“ поради загубата на неговиот брат.

„Ненадејниот шок е поразителен“, рече тој во изјавата. „Тешко е да се имаат вистинските зборови во ваков момент. Ве молиме да го задржите целото семејство на Кинг во вашите молитви, а особено сопругата на Декстер, Леа Вебер“.

Неговата сестра, Бернис Кинг рече дека зборовите „не можат да го изразат скршеното срце“ што го почувствувала поради губењето на друг брат. Нејзината сестра Јоланда Кинг починала во 2007 година, една година по нејзината мајка.

Кинг го посетувал колеџот Морхаус во Атланта, Џорџија како и неговиот татко. Подоцна станал адвокат, улога што ја користел за да помогне во заштитата на интелектуалната сопственост на семејството Кинг.

Третото од четирите деца на Кинг, Декстер имал „неверојатна сличност“ со својот татко, кого го глумел во филмот „Приказна за Роза Паркс“ од 2002 година, соопшти Кинг центарот во Атланта.

„Тој го посвети својот живот на континуираното овековечување на наследството на неговиот татко“, велат од Центарот.

Во изјавата, водачот за граѓански права, свештеникот Ал Шарптон, рече дека испратил сочувство до семејството, додавајќи „Нека почива во мир, нека живее неговото наследство“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот