Фото: „Слободен печат“/Жана П. Божиновска

По пет години повторно блесна: Нотр Дам – ремек-дело на светското наследство

По пожарот што ја зафати пред пет години, Нотр Дам беше повторно отворена пред два месеца и досега ја посетиле повеќе од 1,5 милиони луѓе.

Прекрасна, светла, зрачи убавина, веројатно се најчесто користените зборови на посетителите на реновираната париска катедрала Нотр Дам.

По пожарот што ја зафати пред пет години, Нотр Дам беше повторно отворена пред два месеца и досега ја посетиле над 1,5 милиони луѓе. Просекот од околу 30 илјади посетители на ден ја направи веројатно најпосетувана „атракција“ во Париз или во најмала рака ја изедначи со посетеноста на музејот Лувр.

Фото: „Слободен печат“/Жана П. Божиновска

Само нешто повеќе од пет години по стравотниот пожар од април 2019 година, катедралата Нотр Дам во декември лани повторно ги отвори вратите за посетители. Ремек-делото на светското наследство, кое стана симбол на надеж и отпорност, повторно заживеа благодарение на меѓународните донации и исклучителната експертиза на француските уметници.

Фото: „Слободен печат“/Жана П. Божиновска

Реставрацијата беше овозможена од неверојатна великодушност. Околу 340.000 донатори од 150 земји дадоа придонес од 846 милиони евра за да му вдахнат нов живот на споменикот, кој од 1991 година е на списокот на светско наследство на УНЕСКО. Илјадници експерти деноноќно работеа на катедралата, користејќи стари методи за реставрирање поправање и замена на сѐ што било уништено или оштетено.

„Нотр Дам е повеќе од париски или француски споменик. Тоа е универзален споменик, обележје, амблем, точка што смирува во глобализираниот свет во кој сè постојано се менува“, вели еден француски историчар.

Фото: „Слободен печат“/Жана П. Божиновска

Повторното отворање на реновираната катедрала, исполирана до најситен детаљ како нова, и која буквално ви го одзема здивот, го поздрави папата Франциск со зборовите „денес е ден за радост, славење и пофалби“. Тој ден за радост во Нотр Дам го доживеаја околу 1.500 гости, вклучувајќи ги американскиот претседател Доналд Трамп, милијардерот Илон Маск, италијанската премиерка Џорџа Мелони, поранешните француски претседатели Франсоа Оланд и Николас Саркози, најбогатиот Французин Бернард Арно, британскиот принц Вилијам и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој патем беше единствениот за кого станаа и му аплаудираа сите присутни.

Фото: „Слободен печат“/Жана П. Божиновска
Фото: „Слободен печат“/Жана П. Божиновска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот