Фото: ЈП „Паркинзи на Општина Центар“

По Нова година паркингот во Центар ќе се плаќа со „кју-ар“ код

Во однос на цените, директорот на ЈП „ПОЦ“ Душко Коцевски истакна дека покрај модернизирањето на начинот на плаќање како и зголемување на трошоците за монтажа на нови табли, цените во сите зони засега ќе останат непроменети, но не ја исклучи можноста во иднина да има можно покачување, одлука што според него е потребна бидејќи трошоците на претпријатието постојано се зголемуваат, а цените веќе подолго време се непроменети

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ периодов е во фаза на модернизирање на начинот на плаќање за јавните паркиралишта во општина Центар, каде што веќе започнаа да се менуваат старите информативни табли со нови, кои освен современиот дизајн, ќе претставуваат и новитет во наплата на паркингот во Македонија, кој ќе се одвива преку скенирање на вграден „кју-ар“ код, кој на мобилниот телефон ќе отвори врска за наплата на паркинг местото со платежна картичка на корисникот.

Фото: ЈП „Паркинзи на Општина Центар“

Директорот на ЈП „ПОЦ“ Душко Коцевски го најави овој проект како новитет во државата и начин со кој ќе се олесни плаќањето за корисниците, кои со скенирањето на „кју-ар“ кодот ќе ги избегнат трошоците за праќање СМС-порака, кои ги наплаќаат телефонските оператори.

– Во тек сме на имплементирање и замена на старите информативни табли низ општината со нови табли што ќе содржат јасно означени податоци за зоните, тарифите и начинот на плаќање, а „кју ар“ кодот овозможува директен пристап до безбеден систем за електронско плаќање, без потреба од најава, регистрација или испраќање СМС порака – вели Коцевски за „Слободен печат“.

Тој објасни дека наплатата ќе се врши со тоа што откако корисникот ќе се паркира, треба со својот телефон да го скенира кодот што ќе биде на информативната табла, со што по скенирањето, на телефонот автоматски се отвора нов веб линк со зоната каде што е паркирано возилото.

– Со скенирање на кодот, тој автоматски ќе ги носи граѓаните на страницата на ПОЦ каде што ќе се врши наплатата. Секој код ќе биде поврзан со зоната на којашто е поставен, а корисникот ќе треба да внесе валидна електронска адреса каде што ќе пристигнува известувањето за успешната наплата, која ќе се врши исклучиво со внесување на бројот на платежната картичка. Со ова ќе се олесни плаќањето и за македонските граѓани, како и за граѓаните од странство што немаат пристап до мрежата на домашните мобилни оператори, а исто така и ќе се одбегнуваат трошоците за СМС-пораки – објасни Коцевски.

Повеќе од 120 хаварисани возила отстранети во Центар, ПОЦ ја продолжува акцијата

Процесот за промена на таблите започна пред неколку денови, а според директорот, промената и монтажата на нови информативни табли ќе трае уште најмалку два до три месеци, пред системот да биде функционален и пуштен во употреба за жителите низ целата општина.

– Ние започнавме со монтажата на новите информативни табли пред неколку денови, но земајќи предвид дека треба да се променат табли на околу 1.500 локации, процесот бара време и ќе трае неколку месеци и според моите претпоставки, системот за плаќање со „кју-ар“ кодови ќе биде целосно ставен во функција најдоцна за три месеци – информира Коцевски.

Во однос на цените, тој истакна дека и покрај модернизирањето на начинот на плаќање како и зголемување на трошоците за монтажа на нови табли, цените во сите зони засега ќе останат непроменети, но не ја исклучи можноста во иднина да има можно покачување на цената за паркинг по час во Центар, која според него е одлука што е потребна бидејќи трошоците на претпријатието постојано се зголемуваат, а цените веќе подолго време се непроменети.

Фото: ЈП „Паркинзи на Општина Центар“

Поточно, последната промена на цената на паркингот во Општина Центар била во јануари 2020 година, кога Управниот одбор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ донел одлука за зголемување на цената за 20 денари од час за паркинг на јавните и комерцијални паркиралишта, која стапи на сила на 8 јануари 2020 година.

– ЈП „ПОЦ“ донесе Одлука за усвојување на новиот Ценовник на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта со кои стопанисува. Зголемувањето на цените на паркинзите се воведува за да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје и да им овозможи на 45-те илјади жители похумани услови за живеење. Со цел да им се овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови, од 8 јануари 2020 година цените за паркинг за 1 час на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува ЈП „ПОЦ“ ќе се покачат за 20 денари – информираа тогаш од претпријатието.

Коцевски соопшти дека во блиска иднина покачување нема да има, но соопшти дека се прават анализи и планови за зголемување на цената на паркирањето по Нова година, особено во зоните во најстрогиот центар, односно зоната „0“ каде што паркингот веќе подолго време изнесува 100 денари од час, а според најавите, таа сума ќе биде зголемена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот