Фото: Општина Центар

По наредба на инспектор градилиштето во Ново Маало е оградено, тврдат од Општина Центар по реакцијата на жителите

Овластениот градежен инспектор на Општина Центар на 6 октомври извршил увид на градежната парцела и на инвеститорот му била издадена усна наредба веднаш да го огради и обезбеди градилиштето, што е направено следниот ден, тврдат од Општина Центар.

Градилиштето во скопската населба Ново Маало е заштитено и оградено набрзо по пријавата на граѓаните, поточно наредниот ден откако инспекцијата направила контрола на парцелата.

Ова го велат од Општина Центар откако жители на населбата се пожалија и испратија фотографии во „Слободен печат“ дека и покрај нивните пријави, надлежните, односно Општината и Град Скопје не презеле ништо.

Фото: Општина Центар

Службите од Општина Центар, за да докажат дека не седеле со „скрстени раце“ туку постапиле и презеле активности согласно нивните надлежности, утрово на терен направиле фотографии од градилиштето, тврдејќи дека жителите испратиле стари фотографии, на кои се гледа дека сега тоа е оградено и безбедно за жителите и случајните минувачи на улицата.

Овластениот градежен инспектор на Општина Центар на 6.10.2025 изврши увид на самото место  на градежната парцела 13120/1, со инвеститор „Дабец“ и изведувач „Тими Инвест“ од Тетово, на улица Истарска број 21,  во населбата Ново Маало. При увидот, на инвеститорот му беше издадена усна наредба веднаш да го огради и обезбеди градилиштето. Веќе наредниот ден, инвеститорот постапил по дадената наредба – велат од Центар.

Градилиште во Ново Маало/Фото: Општина Центар

Како што веќе објави „Слободен печат“ жителите на Ново Маало од зградите на улиците Битолска и Истарска се пожалија дека постојано се изложени на бучава од тешка механизација, која според нив работи и надвор од работно време, а понекогаш багерите и камионите брмчат уште во раните утрински часови во недела. Од тешката механизација ангажирана на градилиштето е уништена и пешачката зона на улица Битолска, оштетена е шахтата за атмосферска канализација што, како што тврдат, предизвикало и прекин на водоснабдувањето. Секојдневно се исфрлало шут, цигли и гуми од градилиштето, а притоа немало ни заштитна ограда околу него со што сериозно е нарушена безбедноста на сите минувачи.

Граѓани тврдат дека повеќепати реагирале и во Општина Центар и во Град Скопје со барање да покажат одговорност, да постапат и да ги заштитат интересите на граѓаните наместо на градежните компании, да го спроведат законот, да обезбедат услови да се заштити нивната безбедност, здравје и мир и да се обноват оштетувањата. Според нив, најтрагично е што Битолска е пешачка улица неодамна обновена, поплочена била пред една година, токму од Општина Центар.

Навистина е мизерно народот да ја моли Општината да си го заштити јавниот имот за кој повторно ќе биде наплатено од џебот на граѓаните, додека градежните компании лудуваат и се заштитени како бели мечки – коментираат граѓани од Ново Маало.

Од Општина Центар негираат дека не се грижат за интересите на граѓаните и демантираат дека оштетувањата „повторно ќе бидат наплатени од граѓаните“.

 

Фото: Општина Центар

За пешачката улица Битолска, која е обновена и поплочена со бекатон пред една година, а сега се оштетува од механизацијата која од тука влегува на градилиштето, од Општина Центар велат дека инвеститорот е обврзан по завршувањето на изградбата сѐ што оштетил да го врати во претходна состојба. Па така, на жителите им преостанува да се стрпат додека не заврши изградбата на соседната зграда.

Инвеститорот секоја штета што ќе ја направи вон градилиштето, по завршување на изградбата ќе мора да ја сервисира – велат од Центар.

Граѓани се жалат дека надлежните не реагираат: Во Ново Маало едно се гради, друго се уништува

Во однос на обвинувањата на граѓаните дека се фрла шут и друг отпад надвор од градилиштето, од Општината тврдат дека во моментов кога направиле увид немало шут.

Инаку, оваа населба, лоцирана веднаш до „Веро Џамбо“ до пред извесно време важеше за најруинирана населба со трошни куќи и тешки услови за живот на староседелците во Ново Маало. Во последните години таа се урбанизира и на местото на старите куќи никнуваат нови згради. Со оглед на нејзината местоположба, во близина на најстрогиот градски центар, оваа населба станува сѐ поатрактивна и за инвеститорите и за купувачите на станови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот