По масакрот отиде да се исповеда пред мајка му, па изврши самоубиство: Кој е напаѓачот од Чешка?

Фото: Скајњуз

Човекот (42) кој утринава, навидум без причина, отвори оган и застрела невини пациенти во болницата во чешкиот град Острава, најверојатно го извршил овој крвав напад поради тоа што бил незадоволен оти лекарите не можат да му воспостават дијагноза, пренесува српски „Телеграф“.

Лицето со инцијали Ц.В., градежен инженер, утринава пред 7 часот влегол во чекалната на Одделението за трауматологија, каде како што се верува, имал закажано преглед. Сведоците на настанот велат дека мирно седел во чекалната, а потоа извадил пиштол и започнал да пука во луѓето околу себе. Четири лица загинаа на лице место, додека две лица им подлегнаа на повредите.

Напаѓачот успеа да рани уште три лица, а се стравува дека бројката на жртвите би можела да биде и уште поголема, поради фактот што еден од тројцата повредени е во критична состојба.

По крвавиот напад, Ц.В. тргнал во бегство. Како што пренесуваат локалните медиуми, тој од болницата се упатил во куќата на својата мајка, на неа ѝ признал што направил, а потоа го напуштил домот велејќи дека оди да изврши самоубиство. Подоцна, тој седнал во неговиот автомобил и тргнал кон едно село во близина на градот Острава, каде извршил самоубиство.

Полицијата го пронајде во неговиот автомобил на околу пет километри од болницата. Во моментот кога е лоциран, Ц.В. се уште давал знаци на живот. Според неофицијални информации, починал во истата болница во која пред неколку часа извршил серија на убиства.

Според наводите на локалните медиуми, Ц.В. бил пациент на Одделението за хематоонкологија, а масакарот наводно го извршил поради тоа што бил бесен оти лекарите не можат да му воспостават точна дијагноза, односно дека не сакаат „да ги потврдат неговите сомненија дека е сериозно болен“.

Пријателите кои го познаваат велат дека ништо не навестувало дека тој може да направи вакво нешто. Се присеќаат дека го виделе пред неколку недели, кога делувал потполно здраво и нормално.

– Му се вртеше во главата дека е сериозно болен и дека никој не сака да го лечи. Беше во неколку болници, а во изминатиот месец воопшто не доаѓаше на работа. Пред две недели отвори боледување – изјавил негов неименуван колега за локалните медиуми.

Ц.В. од претходно ѝ е познат на полицијата поради кражби кои ги извршил додека бил малолетник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот