По „Јавна соба“ отворено „Балканско сопче“ – нови монструозни содржини со деца се шират на Телеграм

Фото: Архива

На популарната руска апликација Телеграм е откриена нова група од Балканот која споделува на дневна база порнографски материјал со деца и малолетници. Групата наречена „Балканско сопче“ брои околу 2.000 членови, а едно од видеата кои се споделуваат меѓу нив е она од дете, на возраст од 5-6 години, како мастурбира, објави српски Курир.

„Детето е вознемирено и збунето, додека возрасен маж го снима и го убедува да се открие пред камерата“, пишува порталот кој наведува дека во ова „Балканско сопче“ е прикачена и снимка од сексуален однос на момче на возраст од 12-13 години со нешто постара девојка.

Постои и линк до друга група на Телеграм „Јанг скул п*рн“ на кој исто така се споделува педофилска содржина.

Наводно, групата повеќе не може да се најде на Телеграм, но снимки и скриншоти кружат по социјалните мрежи. Во Србија беше функционираше претходно и групата „Ју балканска соба“ која броела над 36.000 членови од регионот на која мажи споделуваа експлицитни приватни снимки и фотографии од своите поранешни девојки. Голем дел од содржините се „одмаздничка порнографија“.

Во март годинава, српските истражни органи го уапсија Н.С. (25) од Ниш, администратор на групата „Нишлијки“ под основано сомнение дека сторил кривично дело прикажување, собирање и поседување на порнографски материјал и искористување на малолетно лице за порнографија.

Освен во Србија кривични постапки против создавачите на вакви мрежи кои злоупотребуваат и шират фотографии и видеа со порнографска и педофилска содржина, се покренаа и во Македонија. Имено, за случајот „Јавна соба“ на апликацијата Телеграм, тече судска постапка против две лица, обвинети за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија по член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Дарко Костовски (32) и Михаил Паневски (22) останаа во притвор и по последното рочиште во Кривичниот суд на 16-ти овој месец, а во тек е доказна постапка, потврдија од Судот за „Слободен печат“.

Костовски и Паневски, креатор и администратор на оваа група во притвор се од февруари годинава и на двете рочишта во јули и август и покрај барањето од страна на бранителите, судот не им го укина притворот.

„Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете“, соопшти тогаш скопското ОЈО.

Паралелно, Обвинителството од Велес поведе истрага за утврдување кривична одговорност во групата „Јавна соба 2“, при што истражна постапка е поведена против едно лице поради постоење на основано сомнение дека го сторило кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а став 3 во врска со став 2. Имено, при вештачење на мобилниот телефон на осомничениот, пронајдени се видео записи со детска порнографија.

Во Основното јавно обвинителство Битола е оформен предмет во врска со „Јавна соба 2“. Обвинителството издаде наредби за вештачење на ЦД и на мобилен телефон во насока на прибирање материјални докази и утврдување на факти во предметот. По пристигнување на извештајот од извршеното вештачење ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката.

„Се постапува и во Кавадарци, каде во тек е прибирање на материјали докази, за кои обвинителството во моментов не е во можност да сподели детали. Оформен предмет има и во Основното јавно обвинителство Прилеп, каде од пријавеното лице се одземени два мобилни телефона и издадена е наредба за нивно вештачење. Во зависност од обезбедените вербални и материјални докази во текот на претходната постапка овие предмети поврзани со групата „Јавна соба 2“, ќе биде одредена и правната квалификација која ќе произлезе за наведените кривично-правни настани“, соопшти Обвинителството на 26. април годинава.

Токму поради овие случаи на ширење на порнографски материјал преку социјалната мрежа Телеграм, Владата усвои измени во Кривичниот законик со кои се предвидува ново кривично дело „Демнење“ и кое носи строги санкции за вознемирување и преку интернет. За демначите е предвидена парична или казна затвор до три години.

И двете „Јавни соби“ поради кои имаше и протести на скопските улици, со инсистирање на МВР се затворени, но и досега се покажа дека на платформата многу лесно се отвораат нови „соби“ и се полнат брзо со корисници и стануваат „популарни“.

УТРИНСКИ БРИФИНГ | Аврамовска Нушкова: Сексуалното вознемирување и демнењето стануваат кривични дела

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот