ПМС: За скромноста и за македонските невести на Франкенштајн

Youtube

Ми се јавува една познаничка, сто години се немаме чуено, и по формалното „здраво, што правиш“, преминува на тоа што ја мачи:

– Ај, ма, тури ме во весник!

– Ооо…, – купувам време зашто не знам „од прва“ што да и одговорам, а да не ја навредам. Потоа, ми текнува:

– Што направи бе, мила? Да не имаш изложба?

– Не, бре, од каде па, тоа?, се смее ко недоквакана.

– Да не напиша книга?

Таа продолжува да се кикоти, а јас продолжувам да си играм со прашањата.

– Да не откри некој изум, во меѓувреме?

– Не, ма, не ме зезај, – ми вели. – Знаеш, уште сум убава, а луѓето како да ме подзаборавија.

– Си бараш дечко значи? Нели беше богато мажена?!

Разговорот ни отиде до таму навистина да ја убедам да земе нешто да прави во животот. Од уметност, за која нема талент, преминав на готвење, па на плетење, везење и така натаму, за конечно да откријам дека има талент за шиење. На крајот се договоривме – кога ќе скрои една креација ќе ја „туриме“ во весник. И ќе ја претставиме како модна дизајнерка во обид. И ќе и дадеме поддршка да продолжи со цела колекција. Вака, навистина, не би знаела што да ја прашам, а и таа не би знаела што да ми одговори.

Колку што беше разговоров симпатично отрезнувачки за неа, подеднакво беше и за мене. Го сфатив она во што не верував – дека скромноста е сосема исчезната во земјава. Тој збор го имам чуено неколкупати, во последно време. Во форма на пубертетска воздишка – „е, каде да најдам скромно девојче за да ми стане симпатија?!“, во форма на позрела констатација на 22-годишно момче – „ги интересира само што возиш и што марки носиш, и да ги частиш“, во форма на зрел заклучок на 50-годишен маж – „дури ѝ носам пари, и дури неизмерно троши, ме сака“.

Каде ни избега скромноста?! Само оној што знае што е скромност, ја става својата жед за знаење пред пофалбите. А, на скромноста, исто како и на едноставноста, треба да и се биде дораснат. Очигледно, недоквакани сме на оваа тема.

Рековме скромност? И каде да ја најдеме?

На социјалните мрежи на кои инаку, нели, „висите“, секако, нема да ја најдете скромноста. Таму царуваат невестите на Франкештајн. До толку малтерисани се за да не ги препознаеш во живо. Такви им се и зборовите. Во живо пак, уште пострашни се. Забетонирани. Речиси, па врескаат, од сите страни на „живиот ѕид“- дај, па дај, па дај… Добар дел од нив, не испуштаат да го фотографираат ни тоа што го јаделе, пред да се бакнат со чудовиштето. Ги испучуваат усните, и – „чкрап“, сосе деколтето.

А, усните…

– Како ти е кучето?, ме прашува заинтересирано ветеринарот на телефон.

Ќути, цела ноќ око не склопив, ама подобро е.

– Се повлече црвенилото од инјекциите?

– Да. Сега веќе газот не му е како на мајмун, сполај му на Бога. Како да ти опишам…Сега газот му е како усни на „скопјанка“ кога прави селфи за Инстаграм или Фејсбук.

Искрена насмевка од другата страна.

– Ама тоа не значи дека нема да го „турам“ во весник, штом заздраве. Вљубена сум во неговата благодарност. Едноставност. И во неговата скромност. А, мислам и дека ќе ми позира, без пари, за едно ПМС текстче.

За поетската верзија на истата тема прочитајте ТУКА. И ајде заедно да пишуваме поезија. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот