Платите на функционерите догодина ќе пораснат уште до 400 евра, а бруто-основицата е законска!

Фото: илустрација / Влада на РСМ

Платата на сите функционери несопирливо ќе расте со порастот на просечната плата, оти така е уредено со законот и веќе од јануари 2024 година тие како основица ќе ја имаат просечната исплатена плата по вработен за 2023 година, која се очекува да биде значително поголема од просечната бруто-плата за 2022 година

Иако сè уште не стивнува револтот во јавноста од неодамнешното енормно покачување на платите за избраните и именувани функционери, од 1 јануари следува ново изненадување – нивните месечни примања ќе бидат зголемени и до 40.000 денари бруто, односно 24.000 нето за највисоките функционерски плати!

Собранието вчера не донесе автентично толкување на член 11 од Законот за плати и други надоместоци на избраните и именуваните лица, затоа што според Законодавно-правната комисија овој член од законот е јасен и прецизен, а барањето за автентично толкување поднесено од пратеникот Димитар Апасиев е неосновано. Според извештајот на Комисијата, основицата на сечија плата во државата е бруто-износот што како концепт за интегрирано исплаќање на нето-платата, даноците и придонесите е воведен во 2009 година со Законот за исплата на платите и оттогаш кога во законите се споменува „плата“ секогаш се подразбира бруто-плата.

Законодавно-правната комисија за ова барање одлучуваше во јули, а Собранието вчера на пленарна седница го усвои заклучокот. Со оваа одлука за недавање автентично толкување на членот 11 од Законот за плати на избраните и именуваните функционери „зацементирано“ е покачувањето од 78 отсто на платата на пратениците, министрите, претседателот, градоначалниците, односно на околу 2.000 избрани и именувани функционери, кое настана откако Уставниот суд на 21 март ја укина фиксната основица за пресметка на функционерските плати во износ од околу 25.000 денари, со образложение дека не може да има две основици за пресметка на плата. Така на сила како основица за пресметка остана просечната бруто-плата од мината година која изнесува 43.509 денари, со што месечните примања на избраните и именуваните лица порасна за фантастични 78 проценти. Со усогласувањето во јануари, функционерските плати ќе бидат зголемени двојно. На пример, платата на премиерот Димитар Ковачевски до март изнесуваше околу 90.000 денари, од март прима околу 160.000 денари, а од јануари ќе зема околу 184.000 денари, а слични се платите и на спикерот Талат Џафери и на претседателот на државата Стево Пендаровски.

Платата на сите функционери несопирливо ќе расте со порастот на просечната плата, оти така е уредено со законот и веќе од јануари 2024 година тие како основица ќе ја имаат просечната исплатена плата по вработен за 2023 година, која се очекува да биде значително поголема од просечната бруто-плата за 2022 година. За споредба, просечната бруто-плата лани изнесувала 43.509 денари, во јануари годинава била 50.837 денари, а во веќе во јули 54.434 денари. Така, околу 2.000 функционери – министри, заменици-министри, пратеници, судии, градоначалници, раководители, советници и други избрани и именувани лица ќе земаат уште по најмалку 150 евра месечно, а најмногу по 400 евра месечно, во зависност од коефициентот на сложеност, а кој е од 2,2 до 4,5.

Повеќе функционери се изјаснија дека олкавото зголемување на платите во услови на економска криза е непримерно, но ниту една партија од власта и опозицијата не презеде чекори за законски измени на спорниот член 11 од законот за функционерските плати. Од Владата тогаш најавија дека платите наскоро ќе се регулираат со нов закон, ама тоа „наскоро“ се претвори во „најмалку една година“, колку што МИОА се изјасни дека им е потребно да го усогласат „сложеното законско решение“.

На страницата на Владата сè уште стојат старите плати на министрите, според кои премиерот зема „скромни“ 88.000 денари. Од Владата не одговорија на прашањето на „Слободен печат“ колку точно изнесува платата на Ковачевски и кога планираат да бидат транспарентни и да ги обелоденат сумите што граѓаните даночни обврзници им ги исплаќаат секој месец на трансакциските сметки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот