Функционерите уште најмалку една година ќе ги земаат зголемените плати, оти новиот закон бил сложен

Фото: Влада на РСМ

Избраните и именуваните функционери уште долго ќе ја земаат зголемената плата која од 21 март по одлука на Уставниот суд им е зголемена за 78 отсто, затоа што, според најавите од извршната власт, законот со кој ќе се уредат платите во јавнот сектор нема да биде донесен уште една година. Оправдувањето е дека тој закон бил многу сложен да се изработи и потоа и да се имплементира. Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу најавува дека драфт-верзијата на законот за плати во јавниот сектор може да се очекува дури до крајот на оваа година, без да прецизира дали ќе се изработува нов нацрт на овој закон, затоа што еден нацрт веќе постои и е објавен на ЕНЕР во декември, со повик за јавни расправи до засегнатите страни.

Алиу: Ова е многу важен закон

 

Министерот Алиу вели дека законот за плати во јавен сектор е многу важен.

– Првин заради фактот дека денес како држава се соочуваме со различни плати за слични профили на работното место. И тоа е заради тоа што немаме систем каде што јасно се дефинираат правилата и индикаторите како се пресметува една плата. Тој закон е многу важен, ќе трае и ќе треба повеќе време за добро да се дефинира. Идејата на законот не е да имаме единствен математички модел за пресметка на плати на ниво на државата, туку да ги дефинираме рамките како треба да се движи. После ќе има правила за секоја институција како да се движи, во тие граници да дефинираат плати. За законот најверојатно ќе имаме и драфт верзија до крајот на годината – вели Алиу во интервју за МИА.

Азир Алиу МИОА
фото: МИА

Тој додава дека имплементацијата на законот и креирањето на моделите според кој ќе се пресметуваат платите најверојатно ќе трае со години.

– Во развиените држави тие се закони коишто траат многу долго, гломазни се, бараат многу анализи и не е лесно да се направат. Никако не е лесно да се направи единствен модел за пресметка на плати – уверува Алиу.

Од Владата повеќе денови не одговорија на последниот сет прашања на „Слободен печат“ за оваа тема. Прашавме до каде е подготовката на новиот системски закон за платите и кои активности се превземени во изминатиов месец за што побрзо да се донесе? Прашавме и какви мерки планира Владата да превземе во меѓувреме за да ги намали платите на функционерите ако се испостави дека новиот закон треба да се подготвува повеќе месеци, односно дали се планираат измени на актуелниот Закон за плати на избраните и именуваните функционери, но не добивме одговор.

Од Владата со месеци не одговараат и на прашањето колкава е сега платата на премиерот Димитар Ковачевски и зошто на владиниот сајт уште стои старата информација од декември 2021 година, според која Ковачевски месечно зема 88.000 денари. Пред два месеци во одговор на прашање од „Слободен печат“ одговорија:

– Во тек е ажурирање на податоците на именуваните лица во Владата на РС Македонија за висината на платата на функционерите, по што јавноста ќе биде информирана.

Плати на премиерот и министрите, според сајтот на Владата

Министрите со разни изговори од типот дека ги изгубиле платежните картички или дека не ги виделе изводите од банка, до денес не открија јавно колкава им е покачената плата, а министерот за економија Крешник Бектеши на новинарите им рече дека ако прашаат во Владата, ќе добијат одговори кој колку зема. Според министерот Фатмир Бесими покачени плати земаат 1.600 функционери.

На Собранието не му се толкува за бруто или нето

 

Вчера пропадна единствениот досегашен обид на актуелни пратеници да го сменат Законот за плати за функционери, откако законодавно правната комисија едногласно го одби барањето на Левица за автентично толкување дали во основата за пресметка треба да се зема бруто или нето исплатена плата.

– Членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица е збунувачкиот член кој ги создаде сите недоумици после одлуката на Уставниот суд. Цениме дека забуната е настаната со толкувањето во „просечно исплатената месечна плата“’. Имено, Министерството за финансии толкува дека тоа е бруто плата, а ние мислиме дека треба да биде просечната исплатена нето плата, бидејќи ако гледаме трудово-правно, работникот дома носи нето, а не бруто плата. Со одбивањето на оваа иницијатива на Левица, власта повторно докажа дека работи исклучиво за својот личен интерес, па така, функционерските плати остануваат зголемени за вртоглави 78 отсто – соопшти Левица.

Претходно пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека е недозволиво при криза и инфлација функционерите да земаат поголеми плати, но не покренаа иницијатива да се смени законот, со образложение дека СДСМ и онака сити нивни иницијативи им ги одбива.

Пред одлуката на Уставниот суд како како основица за платата на функционерите се земаше фиксна сума од 26.775 денари, која се множеше со коефициент од 2 до 4,5 во зависност од позицијата, па се додаваа и другите додатоци, а со укинатата одредба наместо фиксна, како основица се зема просечната плата од претходната година, која лани изнесуваше околу 32.000 денари. Највисоките три плати во државата се на претседателот, премиерот и спукерот, затоа што основицата им се множи со 4,5, па зголемената плата од април наваму им изнесува по околу 160.000 денари. За споредба, минималната плата е 20.175 денари. Платите на функционерите ја зголемија и просечната плата во земјава, која во јануари изнесуваше 33.943 денари, во март 34.9256 денари, а во април 36.134 денари.

 

За основица минималната, наместо просечната плата

 

Според нацрт-верзијата објавена на ЕНЕР со идниот закон за плати во јавниот сектор ќе се уредат и платите на државната администрација, како и на функционерите. Потребата за носење на овој системски закон е образлоќена со тоа дерка во Македонија не постои единстрева методологија, односно единствен платен систем за пресметката на платите на вработените во институциите од јавниот сектор. Пресметката и исплатата се врши врз основа на посебни закони и колективни договори, а во некои институциии дури и со правилници, што е  спротивно на начелата и одредбите од Уставот.

– Евидентно е дека не постојат јасни правила и воедначена методологија за пресметка на платите во законодавната власт, извршната власт, судската власт, локалната самоуправа, избраните, именуваните и назначените лица и трговските друштва во целосна државна сопственост – се вели во образложението.

Во нацрт-законот објавен на ЕНЕР во декември е предвидено дека основната плата ќе се пресметува на тој начин што како основица ќе се зема минималната плата која ќе се множи со коефициент за максимален износ на плата, а коефициентите ќе ги утврди Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот