Планската економија како модел за развој: искуство и лекција од Пекинг

Кинескиот модел на „социјализам со кинески карактеристики“ е уникатен а сепак доследен, научно-марксистички модел, специфично изнајден за потребите, можностите и околностите на кинеското општество.

Дебатата помеѓу пазарната и планската економија долго време претставуваше едно од централните прашања на модерната економска теорија. Денеска, во западната традиција скоро и да не постои ваквата дилема, дебатата по ова прашање најчесто завршува со јасен заклучок: пазарот е рационалниот механизам за распределба на ресурсите, додека државното планирање претставува нарушување на таа природна рамнотежа. Ваквата дихотомија – пазар наспроти план – долго време се прикажува како фундаментална и непомирлива. Но дали навистина планирањето воопшто го нема во пазарните економии или пак ваквата економска нарација на Западот е само поедноставување до степен на идеолошка догма?

Реалноста е малку посложена. Планирањето во ниту еден момент не исчезна во пазарните економии, ниту со падот на социјалистичките системи на Запад. Денес, најголемите капиталистички компании функционираат како мини-плански економии, со прецизно координирано производство, логистика и долгорочни планови и стратегии. Разликата е во тоа што планирање тука не се конципира имајќи го како претпоставка јавното добро (државата), туку планот служи за целите на приватната компанија, во насока на максимизирање на профитот на компанијата.

Токму тука се појавува една од противречностите на капитализмот, која уште одамна ја детектираше таткото на научниот социјализам, Фридрих Енгелс, дека противречноста на капитализмот лежи токму во судирот меѓу организираното и планирано производство во рамките на поединечните компании и некоординираниот, хаотичен карактер на целокупната економија. Во таа смисла, современиот кинески модел претставува обид за надминување на оваа противречност преку ставање на пазарните сили во функција на пошироки, национални и општествени цели.

Токму ваквата логика на перманентно надминување на погоре споменатата противречност помеѓу планирањето и пазарот е видлива во петгодишните планови кои НР Република Кина ги усвојува како суштински инструмент за координација, евалуација и насочување на развојот на државата.
Имено, токму на почетокот на март, во НР Кина се одржа најважната годишна политичка конференција која оваа земја ја има, т.н. седницата на „Две сесии“. Конференцијата на Двете сесии се одржува во конзистентен термин секоја година во Пекинг, во грандиозната Голема народна сала. Тука се обединуваат двете централни институции на кинескиот политички систем: Националниот народен конгрес (NPC) и Кинеската народна политичка консултативна конференција (CPPCC).

Инаку, НР Кина има свој автентичен и легитимен политички систем, кој се карактеризира со висока репрезентативност. Тоа најдобро може да се согледа токму преку составот на овие две важни политички тела во самиот политички систем, но и преку нивната улога во евалуацијата и конципирањето на приоритетите и идните политики што треба да се спроведат од државниот апарат во различни домени на општественото живеење. Во оваа прилика немам намера да навлегувам во деталите за нивната улога, поставеност и начините на обезбедување на репрезентативноста, но, поради потребата да се разбере што всушност претставуваат и кои се главните карактеристики на аутпутите од „Двете сесии“, ќе се обидам на наједноставен начин да ја прикажам нивната улога и значењето на овие сесии во политичкиот систем на НР Кина.

„Двете сесии“ како собир служат за дефинирање на приоритетите, координација на институциите, но и сигнализирање до разните нивоа на бирократијата во вид на евалуација на тековните процеси. Сесиите, преку нивната работа, која трае и до две недели, ја зајакнуваат кохезијата и легитимноста на системот, правејќи го предвидлив и стабилен преку долгорочно планирање. Во суштина, како што споменав и погоре, „Двете сесии“ се централен механизам преку кој НР Кина ги поставува и потоа ги претвора своите приоритети во координирана национална политика на сите нивоа од државниот апарат.

Оваа година (2026), токму на годишните „Двете сесии“ официјално беше усвоен новиот петгодишен план за периодот 2026–2030, познат како 15-ти петгодишен план. Иако сесиите на овие две тела се одржуваат секоја година, петгодишниот план во НР Кина не се носи секоја година, туку еднаш на почетокот на секој петгодишен циклус. На годишните сесии помеѓу петгодишниот план се работи во рамките на постојниот план преку годишни цели и корекции, при што се усвојуваат годишни планови, буџети и се следат прилагодувањата во спроведувањето на веќе усвоениот петгодишен план, како и на годишниот план претходно.

Историски, првиот петгодишен план (1953–1957), инспириран од советскиот модел, довел до брза индустријализација на НР Кина, и очигледно е дека истиот бил строго фокусиран на производството. Ваквите типови на петгодишни планови биле случај сè до доцните 70-ти, кога, по реформите, плановите постепено се трансформирале во поширока рамка што опфаќа социјални, еколошки и развојни аспекти, со сè поголем акцент на квалитетот на животот. Токму од овој период е и отпочната традицијата на заедничкото одржување на сесиите на овие две тела, кои во ерата на актуелниот лидер на НР Кина, генералниот секретар на Комунистичката партија на Кина (КПК), Си Џинпинг, добиваат нова улога во која и официјално економскиот раст не е само цел сама за себе, туку и алатка, односно средство за општа социјална благосостојба, стабилност и мир. Последните неколку петгодишни планови интегрираат приоритети како иновации, технологија, екологија и намалување на сиромаштијата, додека резултатите, очигледно видливи во трансформацијата и модернизираноста на НР Кина, зборуваат за високата успешност на ваквите планови. Впрочем, ова може да се види и од водечката улога на глобално ниво на НР Кина во најразлични полиња, од економија, преку технолошки и социјален развој, до инфраструктура, екологија па и култура.

Новиот петгодишен план донесен годинава на годишното заседание на „Двете сесии“ е чекор напред токму во тенденцијата најавена во претходните вакви планови од страна на претседателот Си Џинпинг. Секако, и овој план, како и претходните во низа, е континуитет на политиките од претходно, стабилност и голема посветеност кон долгорочното планирање. Тоа се изразува и во Коминикето од неодамна завршениот четврти пленум на ЦК на КПК, кој практично го исцрта најновиот, 15-ти петгодишен план, каде стои максимата дека „социјалистичката модернизација може да се реализира само преку историски процес на постепен и континуиран развој“.

Имено, новиот петгодишен план иако поставува макроекономска цел на раст, но овој пат од околу 5%, што е помалку од претходно, но токму ова е доказ дека акцентот на овој план е ставен на стабилноста, отпорноста и долгорочното планирање во услови на глобална неизвесност, што слободно може да се потцрта како зрело економско управување и исклучителна способност на кинеската економија за адаптација.

Понатаму, силен фокус се посветува на технолошката самостојност и самодоволност како најважна и перспективна индустриска политика, во која домашните иновации се истакнуваат како клучен чекор кон национален суверенитет и долгорочна конкурентност, особено во стратешки сектори како полупроводници и вештачка интелигенција.

Во поглед на социјалната политика, таа е поставена како концепт за развој, а не само како милостина. Мерките се поставени како системски напори за социјална стабилност и инклузија, чија максима е „луѓето во центарот“.

Интересен дел од планот е концепцијата за човековите права, кои се перцепираат како модел за развој со практични политики и резултати. Очигледно е дека социјалниот развој на човекот во НР Кина е политика на економски развој и подобрување на животниот стандард како основа на човековите права, со конкретни резултати во намалување на сиромаштијата и инфраструктурен развој.

Во надворешната политика, сосема очекувано, петгодишниот план ја потенцира ориентацијата на НР Кина која е веќе реалност, имено, мултиполарноста на светот. Позиција на НР Кина ја зацртува како промотор на стабилноста со нејзината независна улога на глобалната сцена, во која, и покрај тоа што се признаваат тензиите, на истите се гледа како еден вид неизбежен дел од глобалната трансформација под притисок на реалноста дека светот е веќе мултиполарен.

За нас во Македонија, можеби најрелевантен позитивен пример е третирањето на недвижностите и домувањето воопшто. Имено, секторот недвижности е преместен од економските категории како „консумација“ во делот за „општо/јавно добро“, што укажува на новата државна стратегија домовите да бидат повеќе достапни; што е отстапување од шпекулативниот модел на недвижности, во согласност со принципот, од поодамна најавен од претседателот Си Џинпинг, дека домувањето мора да биде социјално/јавно добро, а не средство за шпекулација и профит. Токму тука се гледа и способноста за детектирање на негативни трендови и способноста за адаптирање на економијата. Имено, иако во минатото овој сектор имаше бурен раст, шпекулациите со недвижностите предизвикаа колапс на неколку големи компании од овој сектор, што создаде финансиски ризици за домаќинствата. Практично, новиот план ја признава потребата од строга регулација на овој пазар, сè со цел тој да стане балансиран и социјално ориентиран кон широка достапност на домувањето и потиснување на рентиерството.

Не може а да не се забележи дека кинескиот модел на „социјализам со кинески карактеристики“ е уникатен а сепак доследен, научно-марксистички модел, специфично изнајден за потребите, можностите и околностите на кинеското општество. Историјата на кинеските петолетки е показател дека тоа не е статичен и универзален модел, напротив, тој е динамичен, модел кој постојано се евалуира и (себе)коригира, но притоа задржувајќи го континуитетот на политиките и целите.

Сето ова укажува дека кинескиот модел не го отфрла пазарот, туку го става во рамка која е во служба на долгорочни, општествени цели. Наместо анархија на пазарот, се воспоставува координација; наместо краткорочен профит, долгорочна стратегија.

(Авторот е потпретседател на Левица и пратеник)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот