Планинарите се скараа за „Даре Џамбаз“: Едните стравуваат дека објектот ќе се претвори во ресторан, другите обвинуваат за манипулирање на јавноста

Промената на закупецот на најстариот и најпосетуван планинарски дом „Даре Џамбаз“, може комлетно да го смени начинот на негово работење, тврдат дел од планинарите и вљубеници во природата. Тие стравуваат дека поради промената на начинот на работење, овој планинарски дом ќе се претвори во ресторан.

Според нивните објави на социјалните мрежи, на овој начин духот на домот комплетно ќе се уништи и тој ќе стане недостапен за планинарите со „плиток џеб“ кои откако ќе се искачат на Водно, и тоа при секакви временски услови, нема да имаат каде да се пресоблечат, да се одморат, но и да се стоплат со топло чајче купено по симболична цена, како што тоа е случај сите овие изминати години.

Имено, станува збор за најпосетуваниот планинарски дом во околината на Скопје, каде професионалните планинари и рекреативците од градот и од околината, после напорното искачување, имаат можност да се одморат и да се освежат, а потоа со нови сили да продолжат со истражување на Водно.

Сѐ до сега, веќе шест децении наназад, овој планинарски дом го одржуваше и со него раководеше ПСК „Бистра“. Тие им овозможуваа на сите добронамерници да се одморат во домот по напорниот пат, да се напијат пијалок по симболична цена. Исто така, местото нуди можност и за пресоблекување и за преспивање.

Но, сега закупецот е променет и наместо ПСК „Бистра“ домот под закуп го има ПСК „Х2О“.

Новите закупци пак, ПСК „Х2О“ комлетно ги демантираат ваквите тврдења на дел од планинарите и велат дека нивните обвинувања се неосновани бидејќи како што велат од таму, при доставувањето на нивната понуда, тие имаат наведено што планираат понатаму да направат со домот, но и со посетителите кои ќе навратат таму.

– Станува збор за комплето неосновани тврдења и манипулирање на јавноста. Во никој случај објектот нема да стане ресторан. Тоа е невозможно бидејќи таму нема ниту вода, вели Христофор Саракинов од ПСК „Х2О“, додавајќи дека примопредавањето е направено и официјално во вторникот.

Инаку, постапката за доделување на планинарскиот дом под закуп е распишана бидеќи договорот за закуп со Друштвото за угостителство, трговија, производство и услуги „Врв Водно“ ДООЕЛ Скопје основано од ПСК “Бистра“ Скопје истекло на 29.8.2020 година.

На овој оглас можеле да учествуваат со свои понуди сите планинарски клубови од Македонија кои се регистрирани членки на ФПСМ.

Понудувачот согласно огласот, со понудата требало да достави и проект со кој се обврзува во рок од две години од потпишувањето на договорот, сукцесивно да изврши санација, реконструкција, адаптација и ревитализација на планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ според условите и потребите на објектот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот