Пирамидалната шема „Биг Комерц“ ги „изгоре“ граѓаните

Социјалните мрежи „вријат“ откако беше затворена илегалната апликација „Биг Комерц“, која го украла оригиналното име на една компанија од Австралија за е-трговија, и преку која се измамени засега неутврден број граѓани кои вложиле пари во оваа, очигледно пирамидална шема, со надеж дека ќе ги вратат многукратно за краток период, пишува Порталб.мк.

Илузијата „Биг Комерц“ се урна како кула од карти, а со неа и надежите за брзо богатење. На социјалните мрежи, меѓу пријателите, може да се прочитаат и слушнат различни трагични приказни на луѓето кои инвестирале во оваа „онлајн продавница“, а потоа „изгореле“, бидејќи не можеле да ги извлечат вложените пари.

„Уште поактуелен феномен што го потресува општеството, семејството, социолозите, теолозите, буџетите: епидемијата или проблемот на Биг Комерц, криптовалутите и онлајн платформите за економски напредок, вртоглав и застрашувачки тренд, кој гледано социолошки, добар дел од населението, особено младите, ги „окупираше ментално“, ги натера да ја отфрлат настрана од сопствената агенда „културата на традиционалната работа“; и ги натера да живеат со фантазии за инстант збогатување, да станат милионери за кратко време, во моментумот на преминување во „седмото небо“ на финансиите, да станат „победник во играта“ (game winner)“, пишува социологот Али Пајазити во неговата неделна колумна за Порталб.мк.

Оваа апликација, за која се верува дека потекнува од надвор од Северна Македонија, нè потсети на 1997 година со пирамидалните шеми во Албанија и аферата ТАТ во Македонија, при што како резултат на пирамидалните шеми опишани како „заштеда“, граѓаните во Албанија загубија околу 1,2 милијарди долари, додека оние во Македонија над 120 милиони германски марки. „Биг Комерц“ е пирамидална шема, речиси идентична на нив, со единствена разлика што сега се прави онлајн и тоа го отежнува пронаоѓањето на оние кои стојат зад оваа измама.

Граѓаните секако се заведени од високата камата што им се дава за одредена вредност на инвестицијата, како што се случи во Албанија и аферата „ТАТ“, кога штедилниците нуделе неверојатна камата од 30 отсто.

По дефиниција, пирамидалната шема е незаконска инвестиција, при што на инвеститорите им се ветуваат многу големи проценти камата за вложениот (позајмен) износ. Сепак, овие каматни стапки не се совпаѓаат со ниту една економска логика. Парите што ќе ги уплатат последните инвеститори се користат за исплата на претходните инвеститори. Луѓето кои ги организираат овие шеми се тие кои имаат најголема корист, додека инвеститорите кои подоцна влегуваат во игра излегуваат губитници. Значи ефектот е како пирамида, при што од широка база на заемодавци се оди кон врвот, а вложените пари од „долните катови“ и ветените вртоглави каматни стапки веќе не можат да се враќаат, бидејќи нема доволен број на нови инвеститори да ја покријат сумата. Токму тоа е моментот кога шемата пропаѓа.

„Апликацијата „Big Commerce“, како што се очекуваше, се покажа како голема измама; има 3 дена откако беше извршена промената на доменот на апликацијата, таа прифаќа уплати, но не ги враќа парите на своите корисници. Неофицијално се дознава дека граѓаните на РСМ во Биг Комерц изгубиле околу 80 милиони евра. И сега… како понатаму? Ако сте млад или студент, вратете се на книгите, вие другите вратете се на работа, затоа што само тоа е продуктивно, алал приходот чист како солза, ве одржува живи и среќни, дури и кога заработувате малку! Пазете се од кибер гревовите/ злосторствата. Кражба на идентитет, фишинг, пирамидални шеми се некои од нив. Знајте дека ниту Ebay, ниту Walmart, ниту Wish, ниту Amazon, ниту кој било „Биг бос“ или платформа не работат за вас! Од соништа не се живее!“, пишува понатаму Пајазити.

Според разговорите на новинарот на Порталб.мк со дел од лицата кои вложиле пари во оваа пирамидална шема, пресметките биле дека во рок од 2 недели граѓаните ќе ја вратат вложената сума двојно. Значи, ако инвестирале 1.000 долари, очекувале да добијат 2.000 долари.

Колку луѓе се вклучени во оваа измама не се знае, исто како што не се знае колкумина вложиле.

Во полицијата нема пријави за измами од „Биг Комерц“, но апелираат до граѓаните да бидат внимателни кога им се нудат нереални добивки.

„Во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика не е пристигната ниту една пријава. Апелираме до граѓаните да бидат внимателни и да не потпаѓаат на обиди за измама, особено доколку очигледно им се нудат нереални придобивки или доколку се измамени да пријават во МВР“, велат од MBР за Порталб.мк.

За времето кога „Биг Комерц“ е дојден во РСМ, се спомнува период од пред три месеци, но не може точно да се знае.

Социјалните мрежи се преполни со објави и промоции на оваа измама.

„Честитки за еден од лидерите на тимот, тој денеска изврши повлекување од 20.000 долари. Тој се приклучил на БК пред само 3 месеци и заработил речиси 40.000 долари во готовина. Верувам дека сите вие можете да го направите тоа. Поставете си цел, ова е вашата шанса да ги заработите големите пари на вашиот живот овде. Верувајте му на лидерот на вашиот тим, стремете кон ниво 4, исто така изградете го вашиот тим, не е тешко ако заработите 20.000 долари и можете да успеете во тоа, ви посакуваме успех на сите“, пишува во објава на страницата „Биг Комерц Free money“, уште во декември 2021 година.

Еве уште една објава која повикува на инвестиции:

Вакви објави има стотици, и на албански и на македонски јазик.

Како функционирал Биг Комерц?

За да инвестираат пари во „Биг Комерц“, граѓаните инсталирале апликација, од линк што им бил испратен од лице кое претходно ја инсталирало истата апликација. Испраќањето на линкот се вршело откако корисниците ќе бидат намамени со процент ако ја споделат. Така, откако ќе се инсталира програмата, се вели дека што ја испратил заработил одреден процент од парите.

Корисниците можеле да стават пари без лимит, што значи дека инвестицијата немала ограничување. Сепак, инвестицијата не се спроведувала директно, туку преку Binance размена која разменувала криптовалути во одредени валути.

Корисниците кои инвестирале одредена сума, секој ден добивале процент од парите. Значи, ако некој инвестирал 1.000 долари, секое утро добивал околу 50 долари и секој ден оваа сума се зголемувала, исто како што се зголемувала и сумата што ја поседува.

Единствената активност за да се „заработи“ вртоглавата камата била да се кликне на копчето “GRAB” 50 пати, мамејќи ги корисниците дека тие наводно продале производ во некоја од светските компании и корисникот е награден за тоа.

Подигнувањето на парите, корисникот, во случајов граѓанинот морал повторно да го направи преку Binance. Меѓутоа, трансферот на пари не се вршел веднаш, туку во рок од 4 до 72 часа.

Граѓаните сфаќале дека се измамени откако поминувале 72 часа, а парите не им биле префрлани.

Единствено се оштетени корисниците кои инвестирале во апликација за која не знаеле кој стои зад неа.

Сепак, и покрај измамата, на социјалните мрежи кои се занимаваат со огласи за купопродажба може да се видат понуди за инвестирање во оваа апликација, што не е ништо друго освен измама.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот