Петровска за инцидентот во М-НАВ: Компромис за безбедноста на македонското небо нема и не смее да има

Фото: Министерство за одбрана

Авиосообраќајот во земјава е безбеден, а предлогот за разрешување на раководството и Управниот одбор на М-НАВ е за да се испрати пораката дека компромис со безбедноста на авиосообраќајот – нема и не смее да има, порача денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во врска со случувањата во М-НАВ.

„Предлогот за разрешување е бидејќи сакаме да ја испратиме пораката дека компромис со безбедноста на патниците и безбедноста на македонското небо нема да има и не смее да има. Истовремено, ги повикуваме и политичките партии и политичките движења во државата да не ги користат и да не ги злоупотребуваат ниту вработувањата ниту вработените во оваа институција за остварување на своја лична агенда. Она што е најважно за граѓаните и за јавноста е дека авиосообраќајот во Република Сеерна Македонија е безбеден и се одвива согласно правилата на „Еуроконтрол“, изјави Петровска.

Таа смета дека раководството на М-НАВ потфрлило во целта да се воспостави работен ред и дисциплина во институцијата.

„Случувањата во М-НАВ особено невозможноста да се воспостави работен ред и дисциплина во институцијата, како и немањето на соодветен дијалог помеѓу работодавците и Синдикатот, очигледно дека предизвикаа бранувања и во јавноста, но и во институциите. Претседателот на Владата, во консултација со мене како министер за одбрана и министерот за транспорт и врски, донесе одлука дека на следната седница, т.е. седницата во вторник на Владата ќе предложи разрешување на директорите и управниот одбор на М-НАВ“, рече Петровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот