Петнаесетина дечиња чекаат да се ослободи место за терапија со хормон за раст

Во државава во моментов околу 100 деца со нарушувања на растот се лекуваат со хормон за раст, а на листа за чекање се уште 15-тина дечиња.

Тие можноста да го започнат лекувањето ќе ја имаат кога ќе се ослободи место од постоечките деца на терапија, односно кога некое дете ќе заврши со лекувањето.

Ова беше посочено на денешната прес-конференција во Скопје по повод одбележувањето на 20 Септември – Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата.

Претседателот на Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – РАСТ, Александар Петровски изјави дека овој Светски ден повторно го посветуваат на онаа голема група на деца кои се уште чекаат да добијат право на лекување.

Право кое, како што додаде, им е загарантирано со законот, а никогаш не го добиваат поради покасно поставена дијагноза и долго поминато време на листата за чекање поради што стигнуваат до возраст кога веќе не може да се лекуваат, бидејќи растот е завршен.

– Најдобри резултати од лекувањето се постигнуваат кога дијагнозата ќе се постави навремено и кога соодветно ќе се започне со терапија во раните годините од претшколска возраст, континуирано без промена и без ден пауза – рече тој.

Оваа година, како што истакна Петровски, нивното мото треба да гласи „Не сакаме да бидеме повисоки за да бидеме поубави, сакаме да бидеме здрави! Не не дискриминирајте“

Од прес-конференцијата тој со порака до здравствените власти дека „сите дечиња се еднакви, и не смееме да правиме никаква разлика помеѓу нив…. едни добиваат право да бидат лекувани и да бидат корисни и активни придонесувачи во заедницата, а другите се на некој начин доведени во ситуација да бидат казнети и цел живот да се носат со сите физички видливи и системски проблеми од нелекувано нарушување на растот“.

Претседателот на Здружението РАСТ упати барања до Владата и здравствените инситуции најбрзо што може да се изготви Национален регистар на пациенти со нарушувања на растот, да има терапија за сите деца кои имаат потреба од лекување, да се изнајде систем кој нема да зависи од тендерска набавка како во сите земји и да се овозможи терапија каде е потребно и по завршувањена растот во возрасно доба.

Претставникот од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Цвете Серафимовски информира дека Фондот годинава обезбедил буџет од 43 милиони денари за хормон за раст на годишно ниво за 102 дечиња.

– Децата имаат кратко време да растат, а цел живот да живеат со резултатите. Ова мото кореспондира со стратешката определба на Фондот да се превенира наместо да се лекува, да се размислува одговорно за навремено да се спречат одредени здравствени нарушувања – рече Серафимовски.

Директор на Здравствен дом Скопје, Виктор Исијановски во оваа прилика понуди секаков вид соработка со Здружението РАСТ, како и со останатите здруженија кои се бават со оваа проблематика во интерес, како што додаде, на сегашните и идните генерации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот