Петка за глупите

Скопје смрди овие денови, всушност смрди секогаш кога нема ветер. И наместо да ја користиме новата технологија во борба против можеби и поголемиот убиец од грипот на овие простори, ние фрламе камења по неа. Зарем петта генерација на луѓе ќе треба да израсне тука за конечно да се излечиме од сопствената „глупоќа“?

Имаше една компјутерска игрица, а и сега ја има во развиена варијанта (Plague Inc,), и во таа игра крајната цел беше да се зарази целото човештво. Всушност, играчот беше во улога на мини Господ, кој можеше да се поигрува со особините на некој патоген, со неговата отпорност, начин на размножување и ефекти по човечкиот организам, па можеше да го пушти на кое било место на земјата и да следи како ќе се развива пандемијата. Без бонуси, кои ги имаше по секое ниво (т.е. еволуција на патогенот), тешко можеше да се достигне последната, катастрофална цел, т.е. тешко беше да се победи целото човештво.

Во последно време се изнаслушав и изначитав теории за модернава чума, во опсегот од: „Удар врз Кина“, преку „Економска чистка на пензионерите“, па сè до „Падот на капитализмот“, и сите се занимаваат со некоја „тајна сила“ која ја крои капата на целото човештво. За мене само еден факт е непобитен, а тоа е дека човештвото е на тест, и тестот сè уште трае, и покрај сите наши усилби да му го предвидиме крајот. И зошто „некоја тајна сила“ би го сторила тоа, би ни пуштила вирус од кој многумина може да не преживеат?

Едно само не ми е јасно, дали е тоа истата тајна сила која сега сака да нè утепа со 5Г? Всушност, 5Г ќе ги испржи врапците и пчелите, па потоа ќе следи 6Г-технологија со која ќе може да ни ги активираат чиповите што во меѓувреме ќе ни ги стават, за на крајот со помош на 7, 8Г, со ласери да можат да ни ги контролираат мислите во светот без птици, инсекти и ситни животинки. И ќе живееме така сè додека Нео не го победи вирусот, наречен Агент Смит, кој се заканува дека ќе го направи целото општество еден и единствен, Смит. Па потоа „Јово наново“.

„Петтата генерација“ на мобилни комуникации е уште еден чекор во развојот на телекомуникациските технологии, дури и помал удар за денешната околина од, на пример, оној од ширењето на радиоврските кои како и сето она што е кул и напредно, ги измисли, т.е. примени Никола Тесла. Колку за ваша информација, микробрановите од „само“ 2.500 мегахерци можат да стопат и чоколадо во вашиот џеб, како што во далечната 1945 открил Перси Спенсер, кој работел на развивање нов вид радар, па од идејата направил патент за денешните микробранови рерни.

Дали 5Г-предавателите кои работат на значително повисоки фреквенции ги топат чоколадата во нашите џебови или можеби убиваат врапчиња? И, која е таа будала која сака да му го спржи мозокот на својот клиент од кого секој месец инкасира приход?

Психолозите велат дека стресот предизвикан од страв го намалува имуниот систем на човекот и не знам навистина која е таа „тајна сила“ која сее страв по интернетот. Со неа и повеќе од сигурно се занимаваат воено-разузнавачките структури, а најверојатно како појава ќе биде и од повеќе аспекти проучувана и од науката. Но, каква и да е оваа појава, истата таа не би можела да земе замав без човечката глупост и игноранција.

Скопје смрди овие денови, всушност смрди секогаш кога нема ветер. Загадено е до балчак. И наместо да ја користиме новата технологија во борба против можеби и поголемиот убиец од грипот на овие простори, ние врескаме и фрламе камења по неа. Зарем петта генерација (5Г!) на луѓе ќе треба да израсне тука за конечно да се излечиме од сопствената „глупоќа“? Истата таа индолентност и игноранција, која и Кина и Шпанија и Италија веќе ја чинеа многу човечки животи.

Имено, истата таа 5Г-технологија, освен за побрзо гледање на филмови на мобилен, може да ни помогне при побрзо лоцирање на големите загадувачи, особено ако е монтирана на воените и полициски возила кои патролираат за време на принудниов домашен притвор. Истата технологија може и полесно да ги управува дроновите што ни ги ветија како „трагачи по оџаци“, наместо сега да сака да нè ѕирка по маала дали шетаме кучиња.

Всушност, и врапчињата што го преживеаја тестирањето на 5Г, знаат кој нè загадува и од кого ќе почине барем еден од шест припадници на здравствено ранливите категории, ама тоа нас никако да нè уплаши. Од вирусот кој убива се плашиме, но и се обидуваме да се заштитиме. Па дури и државата ги вклучи сите механизми во обидот да нè заштити. Ќе се заштитиме ли самите од загадувањето и ќе се вклучи ли конечно и државата во вистинската борба и против убиецот наречен загадување. Ако не се случи тоа, навистина ќе заслужиме петка за глупост, 5Г.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот